Стопанската комора на Македонија немала надлежности над фирмите кои извезуваат или произведуваат прехрамбени и земјоделски производи. Од таму велат дека Комората не може да влијае врз фирмите во чии производите што ги пласира на пазарот на ЕУ или на домашните пазари, дали има прекумерна количина пестициди, афлатоксини или опасни бактерии. Оваа институција наоѓа само деловни партнери за фирмите, се останато е работа на инспекциите и Агенцијата за храна, велат за НОВА, од Комората.
„Стопанската комора на РМ не е инспекција, ние немаме право да реагираме ниту за добро, ниту за лошо, се знае кој го покрива здравствениот дел, а кој земјоделскиот. Наша работа е да им наоѓаме официјални партнери на фирмите во странство, тврдат за НОВА во Стопанската комора.
Но, прашањето за безбедност на производите, останува отворено за оваа институција која на високо ниво ги поврзува нашите фирми со странските партнери бидејќи над 40 пати домашните производи досега се обележани како проблематични во земјите на ЕУ. Со тоа не само што е загрозена безбедноста на луѓето, туку се загрозува и реномето на државата и на Стопанската комора како посредник, велат познавачите на проблематиката.
Во Организацијата на потрошувачи која треба да биде најгласна во одбрана на граѓаните, велат дека реагираат исклучиво на претставки на граѓани, по што се обраќаат до Агенцијата за храна и ветеринарство. Од почетокот на годината имале 59 претставки за прехрамбени производи кои најмногу се однесувале на декларацијата.
„Граѓаните најчесто бараат на декларацијата на македонски јазик да пишува што содржи производот, како што се готовите јадења на пример, велат за НОВА во Организацијата на потрошувачите.
Од таму велат дека тие се невладина организација, а не инспекција. Од тука се поставува прашањето, која е целта на постоењето на оваа Организација која делумно се финансира и со државни пари.
За разлика од македонската организација на потрошувачи, Организацијата во Србија, минатата година ја крена јавноста на нозе и успеа да изврши притисок да се забрани производството на млеко во кое беа најдени афлатоксини над дозволеното ниво. По аферата со млекото се воведе контрола во фармите, каде се утврди дека проблемот потекнува од храната за животните која беше контаминирана со овие канцерогени состојки.
НОВА веќе објави дека отровни производи завриле на македонските пазари како што стои во РАССФ системот за безбедност на храна на ЕУ од каде се гледа дека во последните години вкупно 42 прехрамбени производи со потекло од Македонија полни со пестициди, канцерогени материи и опасни бактерии биле откриени во земјите на ЕУ. Околу 40 производи опасни по здравјето на граѓаните пак, биле увезени од други земји во Македонија.
Станува збор за различни производи што секојдневно се употребуваат во исхраната, домати, пиперки, краставици, грозје, јаболки, печурки, потоа полжави, десерти, чоколади, сладолед, вино, енергетски пијалоци, желе бонбони. Некои од пратките содржеле големи количини пестициди, други содржеле опасни бактерии, трети канцерогениот афлатоксин или пак на декларацијата не било нагласено дека содржат алергени, кои може да го загрозат здравјето и животот на луѓето кои се алергични на нив.
До пред една година во државата немаше лабораторија со кое ќе се испитува прецизно нивото на пестициди во производите.
Тоа во интервју за НОВА точно пред една година го потврди Биљана Петановска Илиeвска професорка на Земјоделскиот факултет.
„ Во нашата држава нема референтна лабораторија која треба да го испитува нивото на пестициди во земјоделските производи, а лабораториите вршат анализи на пастициди кои веќе не се користат и одамна се исфрлени од употреба, изјави на 16 ноември минатата година, професорката Петановска Илиeвска за НОВА.
Но, сега ситуацијата е сменета, сега тоа го прави Фитосанитарната лабораторија, при Министерството за земјоделство. Од јули оваа година во лабораторијата со акредитирана метода се направени околу 300 анализи. Околу 3,2 проценти од нив имале зголемена количина на пестициди над границите на дозволеното. За разлика од Македонија, во една од земјите на ЕУ, Италија тој процент е 1,1 одсто.
„ Работиме по меѓународно призната метода. Го испитуваме квалитетот на пестицидите со кои се прска, количината на пестицидите во производот, како и квалитетот на растението и семето, изјави за НОВА Сузана Кратовалиева директорка на Фитосанитарната лабораторија.
Кратовалиева вели дека се надева до пролет идната година да биде изготвен правилникот со ќе се контролира нивото на пестициди на сите поголеми производители вклучително и на се што се продава на Кванташки пазар, на големо.Со тој акт ќе формулира кои производи треба да се испитуваат, како и што се треба да стои на декларацијата на производот.
Во ситуација кога граѓаните се бомбардирани од производи полни со пестициди, експертите препорачуваат луѓето да се свртат кон органска храна. Тоа е храна која не содржи пестициди, инсектициди, вештачки ѓубрива, ниту хормони за растење
Но, органската храна не само што е многу скапа и не може да си ја дозволи секој, туку и не е сигурно дали воопшто не е прскана со пестициди.
„Процентот на канцерогени заболувања и алергии директно е врзан со прекумерната употреба на пестициди. Органските производи се најсигурни,но телата кои издаваат сертификати треба повнимателно да испитуваат дали и колку овие производи се без присуство на пестициди, изјави Кратовалиева.
Таа вели дека странските производи кои се декларираат како органски, доколку немаат сертификат треба задолжително да се испитуваат во земјата, а останатите кои имаат сертификат и декларација, да се испитуваат доколку се појави сомнеж дека не се потполно еколошки здрави.