Центрите за социјална работа нудат само советодавна помош на семејствата каде што има насилство, големи несогласувања и постојани расправии. Доколку жената чиј сопруг е насилен поднесе пријава, тогаш социјалните служби ја процесираат пријавата до судските органи или до полицијата.
Тимот од социјални работници може да го советува сопругот да побара помош од психијатар или психолог. Ова е се што може да понудат социјалните служби во случаи на семејно насилство за какви што слушаме деновиве, случаи кои завршија со шест жртви за само две недели.
Полицијата може да покрене постапка до обвинителство, но оттаму велат дека жените кои се малтретирани често ги повлекуваат пријавите со надеж дека ќе се среди состојбата. И се така во пеколниот круг од кој нема излез.
Така било и во случајот со злетовчанецот кој уби три лица и на крај самиот си пресуди. Социјалните работници работеле на помирување на брачните партнери. Но, признаваат дека убиецот, инаку професионален војник во АРМ, имал психички проблеми кои дошле до израз по неговото враќање од Авганистан.
Како што дознава НОВА од Центарот за социјална работа во Пробиштип, убиецот барал психијатриска помош, посетувал психијатар, но што се случило, дали престанал да ја зема терапијата од социјалните работници не знаат да кажат.
„Тие имаа семејни проблеми. Но, сопругата обично ја повлекуваше пријавата со надеж дека ќе се смират. Така беше и овој пат. Таа вчера не извести дека во неделата имале семеен ручек и дека се договориле да се смират и ние работевме на мировна постапка. Што се случувало со него во последните 48 часа никој не знае. Знаеме само дека од кога се врати од Авганистан почнаа нивните проблеми и тој стана насилен“, велат за НОВА од Центарот за социјални грижи.
Слична е ситуацијата и со убиецот во Кавадарци кој уби тројца членови од семејството на неговата сопруга, со намера да ја убие и неа и на крај самиот да си пресуди.
Убиените, мајка и татко и сестрата три години барале помош од надлежните институции, но никој не преземал ништо. Од социјалните служби велат дека до толку им се ингеренциите.
„Македонија е земја со висока стапка на семејно насилство и недостаток на сервиси за сторители бидејќи во целата земја постои само еден сервис којшто работи на третман на сторители во градот Скопје. Предвидената мерка за отстранување на сторителот од неговиот дом, не нуди решенија за регулирање на движењето на сторителите на насилството и нивни третман, со кои што ќе се избегнат ризиците поврзани со безбедноста на жртвите“, велат од Националната мрежа против насилство врз жени.
Годината ќе остане запаметена по многубројните убиства што се случија во државата. Освен двете тројни убиства, имаше неколку двојни од кои две во населбата Аеродром и во Ново Лисиче.
Се поставува прашањето како е возможно да се дозволи луѓе кои биле познати како насилници, кои се заканувале и ги малтретирале своите најблиски да поседуваат оружје и никој да не преземе ништо.
Во двата последни случаи станува збор за бранители, едниот бил професионален војник во АРМ, претходно бил во Авганистан и учесник во конфликтот во 2001-та, исто како и убиецот во Кавадарци.
Затаија институциите на системот, цел еден гломазен државен апарат кој го троши државниот буџет, а не успева да се справи и да ги заштитат семејствата од насилните кои носеле и оружје. Она што со години предупредуваат токму некои од бранителите, учесници во конфликтот во 2001-та е неопходноста од психолошка помош и ресоцијализација на луѓето кои страдаат од пострауматски воен синдром.
Ниту 13 години по конфликтот државата нема стратегија како да им се помогне на овие луѓе без разлика на која страна војувале. Во интервју за НОВА, Александар Стојановски бранител и учесник во конфликтот 2001 уште пред година предупреди на далекусежните последици од пострауматскиот синдром кај преживеаните. Досега, 30 од нив се самоубија, многу семејства трпат насилство и агресија, а државата не најде начин како да ги врати во нормален колосек и не се работи на психолошка подршка на овие луѓе.
„Се манифестира со физички напади во семејството, избувливост, носење на оружје и постојан штрек, но, се чуваат во дискреција и се останува во рамките на семејството. Здравството нема искуство со решавање на овие случаи и добро е што ниту еден од нив не направи екцес, не влезе во некое училиште, градинка да убие некого, но после 10-15 години овие состојби доаѓаат до израз овие состојби кои не можат да се контролираат, изјави тогаш Стојановски за НОВА.
Една година подоцна, Македонија ги чувствува последиците од својата неодговорност кон овие луѓе. Во видеото погледнете што тогаш кажа Стојановски, некои делови од разговорот сега се објавуваат за првпат.