Собранието на Република Македонија денеска во 15 часот ќе одржи итна седница на која ќе се разгледуваат измени на Изборниот законик, во делот на рокот за поднесување на кандидатските листи.
На собраниската веб-страница е наведено дека материјалите кои ќе ги разгледува Собранието на оваа седница дополнително ќе бидат предложени, односно дека ќе се предложат на самата седница на Собранието.
Вицепремиерот Зоран Ставрески, како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција соопшти дека владејачката партија има предлог за утврдување нов рок за доставување на листите за кандидати за градоначалник и за советници што би траел до 3 март, недела, до 24 часот.
СДСМ го одби ваквиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека се работи за крајно лицемерие од страна на Ставрески.