НУ Филхармонија на РСМ ќе учествува на овогодинешното свечено отворање на фестивалот „Охридско лето“. На 12 јули во прекрасното здание на Античкиот театар во 21 часот, заедно со оркестарот на Филхармонијата ќе настапи светската музичка ѕвезда, виолинистот Џулијан Рахлин, кој наедно ќе се претстави и како диригент. На програмата се познатиот Концерт за виолина и оркестар во e-moll оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон, како и класичната Увертира-фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.
Џулијан Рахлин инаку, за првпат настапи со Македонската филхармонија во 2017 година, на Божиќен концерт кој се одржа на 7 јануари напладне.
Виртуозот на виолинаЏулијан Рахлин е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристиансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Над 30 години неговата кариера го носи на сите светски меридијани како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител. Снимките кои критиката ги оценува како исклучителни, ги издаваат на носачи на звук престижните издавачки куќи „Дојче Грамофон“, „Сони Класикал“ и „Ворнер Класикс“.
Рахлин е исто така и баран диригент ширум светот. Во изминатите неколку сезони настапува со Симфониските оркестри во Чикаго, Бирмингем, Виена, како и со Европскиот камерен оркестар, Кралската филхармонија во Лондон, Израелската филхармонија, филхармониските оркестри во Осло и Хелсинки, Кралската филхармонија во Ливерпул и Берлинскиот Концертхаус оркестар.
Како виолинист пак, застанува на сцена со некои од најпрестижните светски оркестри и диригенти. Музичките фестивали на Рахлин ја рефлектираат неговата пасија кон обединување на изведувачите и публиката во заедничко славење на музиката и уметноста. Често соработува со имиња како Марта Аргерич, Евгениј Кисин, Жанин Јенсен и Миша Мајски, а неговиот фестивал „Рахлин и пријателите“ кој се одржуваше повеќе од една деценија во Дубровник, беше светски признат. Од 2021 година Рахлин е уметнички директор на Фестивалот Хербстголд кој се одржува во палатата Естерхази во Ајзенштад, Австрија. Свири на виолината екс-Либиг изработена од Антонио Страдивари во 1704 година, како и на виолина изработена од Лоренцо Сториони од 1785 година, инструменти кои му се дадени на користење од приватната фондација „Ангелика Прокоп“.