Второ што Мицкоски би требало да одговори, и пред себе и пред народот – зошто државата, односно сите ние, би плаќале камата за кредит на големите македонски гиганти што имаат огромни добивки, кои и онака со високиот кредитен рејтинг би можеле да стигнат до поволни услови за кредит.
Весна Дамчевска
Од октомври на сметка лежат 250 милиони евра од кредитот од Унгарската приватна експорт-импорт банка, наменети за кредитирање на стопанството. Каматата си тече, а до фирмите не е дистрибуиран ни денар. Не е ни чудо. Владата прво зеде кредит, потоа се договараше со банките, па премеруваше кој може да аплицира
Конечно падна договор потпишан од Владата за деталните услови за кредитот што ќе се дава преку комерцијалните банки за стопанството, од кредитната линија што државата ја зеде од Унгарската приватна експорт-импорт банка. Вториот ден откако стапи на функција, Христијан Мицкоски како премиер рече дека ни во опозиција не спиел и дека договорил една милијарда евра од една пријателска земја. Првите 500 милиони евра легнаа на сметка во октомври. Делот за стопанството е 250 милиони евра, и токму во тие пари се крстеше Мицкоски дека ќе бидат мотор на економијата. Но оттогаш тие „дремат“ на сметка, тече каматата што народот треба да ја плати преку парите собрани во Буџетот, а до стопанството не е дистрибуиран ни денар.
Завчера се објави кој сè може да аплицира за парите, а тоа соопштение е големо „одлепување“ од првичната матрица, кога јавноста беше уверувана дека парите ќе стигнат во производствените компании, и тоа за нови технологии и индустриски капацитети што ќе донесат висока додадена вредност и раст на бруто-домашниот производ. Наместо тоа, списокот се растегна дотаму што во него влегоа сите компании, освен производство или трговија на алкохолни пијалаци (ова не важи за пиво и вино), производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање. Значи, за кредитот може да се аплицира за градење трговски центри, градежни компании може да аплицираат за изградба на станови, енергетски компании за поставување фотоволтаици…
Кредитот од унгарската банка е земен со камата од 3,25 проценти и ќе се враќа од буџетот, односно од народните пари. Клучното прашање е – дали некој што ќе изгради зграда и што ќе ги продаде становите по огромни цени, треба да се финансира и од парите на граѓаните? Дали и струјата што некој приватник ќе си ја продава на берза (а во такви фирми има нула, или еден-двајца вработени) треба да се потпомогне од државната каса?
Очигледно Мицкоски, уште не стапнат на премиерската функција, си правел сметка без крчмар. Ниту некого консултирал, а и ако консултирал, тогаш не сакал да го слушне.
Прво во што требало да биде дебело убеден пред да соопшти дека кредитот оди во инвестиции на производствени фирми, е дека ние имаме толку многу такви фирми и дека има интерес за парите. Кредитот, нормално е наменет за домашните фирми, а „нашите“ производствени погони, главно, се во индустриските зони, што значи се компании на странски фирми.
Второ што Мицкоски би требало да одговори, и пред себе и пред народот – зошто државата, односно сите ние, би плаќале камата за кредит на големите македонски гиганти што имаат огромни добивки, кои и онака со високиот кредитен рејтинг би можеле да стигнат до поволни услови за кредит. Овој кредит би имал смисла да се помогне некому да се модернизира, да се развие, да создаде нови работни места или да ја зголеми продуктивноста на работникот, нешто за што постојано сме „влечени за уши“ иако „со фиќо не се оди на трка на Формула 1“. Само така овие пари би предизвикале некој домино ефект, некој раст во економијата.
Важно парите се земени и си седат на сметка. Сега ќе се делат транспарентно и недискриминирачки. Така тврдат и Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Ама, повторно треба да се почека до оваа делба. Прво парите ќе се префрлат во Развојната банка, па ќе се склучат договори со комерцијални банки, па потоа банките ќе си ја почнат вообичаената процедура за доделување кредит, што подразбира оценка на проект и туркање на целата административна процедура. Многу од компаниите, пак, со нетрпение го чекаат кредитот, затоа што индиректно одамна им беше ветен. Кредитот беше најавуван прво за есента минатата година, па веднаш по Нова година, па сега велат „влезе во финална фаза“.
Но, не е ни чудо што толку заглави. Не беше во прашање само кои компании може да аплицираат за кредитот, туку и кои банки и под кои услови ќе го дистрибуираат. Тогаш, според нашите сознанија, имало вистинска „војна“ во преговорите. Прво се преговараше за каматата по која ќе се пласираат парите. Мицкоски повикуваше на „општествена одговорност и солидарност“, а банките одговараа со банкарската логика. Потоа се преговараше за рокот на враќање. На банките не им се слуша за отплата во рок од 15 години, а државата со таков рок ги зеде парите од унгарската банка. По долги преговори, сите банки сепак се вклучија во игранката.
Сè на сè, се случи хаос. Уште една потврда дека ретко кој и кога во оваа држава работел со памет, со факти и со анализи. Овде со децении решенијата се од ракав, соодветни на дневната политика и на тесното гледиште на „таткото на нацијата“.
Текстот е сопственост на Слободен печат