Што и како се договорило, конкретно не знаеме но апстрактно, па еве гледаме – наместо Ралев од СДСМ, Шукова од СДСМ, наместо голема можност за победа на СДСМ со Ралев, голема можност за пораз на СДСМ со Шукова.
Тони Науновски
Шокантното интервју на професорот Мишко Ралев за истиот овој електронски портал („Локално.мк“) во кое кажува дека бил поканет од претседателот на СДСМ Венко Филипче да се кандидира за градоначалник на Скопје со нивна поддршка, и дека, цитирам –„После сериозно размислување и консултација со моето семејство, јас позитивно одговорив на таа покана“, според мене без никакво сомневање е уште една потврда дека всушност некој друг (или други) раководат со СДСМ, а не Венко Филипче. Не постои друго прифатливо рационално и логично објаснување зошто откако лично Венко Филипче го поканил а Ралев ја прифатил поканата после консултација со неговото семејство, наеднаш некоја си госпоѓа Каја Шукова да биде кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ, освен ако некој или некои не ја поништиле одлуката на претседателот на СДСМ, односно го натерале самиот да си ја поништи својата одлука т.е. покана.
Како што сите знаат, во РС Македонија поставеноста на политичките партии и други аспекти на политичкиот дискурс го прават Претседателот на секоја политичка партија апсолутен суверен при донесувањето на партиски одлуки – кој го има печатот и касата со парите на партијата, тој е газда, просто кажано. Претседателот на партијата со личен потпис и со печатот на партијата кој по дефиниција е со него односно само тој смее да го употреби ги заверува сите одлуки на партијата, и тоа е едноставно така. Оттаму, сеедно на кои начини и преку кои партиски процеси (ако воопшто и ги има, нели) се донесува некоја партиска одлука, на крајот единствено тој што го има печатот – а тоа е само Претседателот на партијата – ја заверува односно донесува одлуката. Во конкретниов случај – значи Претседателот упатил покана, поканетиот прифатил, а сепак истиот Претседател подоцна донел или заверил поинаква одлука, лично тој! Зошто и што и кој (или кои) го поттикнале или приморале да се предомисли, да си го погази својот збор односно поканата, со оглед на тоа дека се ова сериозни работи, мора да ни каже лично Претседателот на СДСМ, и тоа уште денес. Се разбира, исклучена е можноста дека таков сериозен човек и паметен човек како проф. Ралев не би ја зборувал вистината – станува збор за искусен архитект и професор, колку и да имам поинакво мислење од него за проектот Скопје 2014, според мене историски грандиозен архитектонски и симболичен проект на Македонизмот.
Оттаму, додека не го добиеме одговорот од Претседателот на СДСМ зошто си ја поништил сопствената покана односно одлука и што и кои влијаел за такво скандалозно политичко но и човечко политичко погазување на себеси, можеме само очигледниот одговор да го анализираме, уште повеќе во светлина и на фактот дека госпоѓата Шукова сама се пријавила на формалниот партиски оглас за кандидат за градоначалник на Скопје, а госпоѓата е и истовремено, замислете, потпретседател на СДСМ. Патем кажано, со сета почит кон госпоѓата, дури и на мене што со децении се интересирам за политика едвај ми текна за која госпоѓа станува збор кога прочитав дека ќе биде кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ – знаев само дека беше некаков министер за нешто и толку, што би можело да значи дека таа нејзина непрепознатливост во политичка смисла не може да донесе добар гласачки резултат, а згора на се некаде прочитав и дека е политички блиска на Заев; денес читам дека и од дпмне мицковистичко истото го велат.
И некако, како коцките на оние сликовниците-сложувалките кои мали деца низ игра ги составуваат добиваат јасни контури – на целата слика. Дел по дел, сликата веќе се гледа, онаа политичката слика со објаснување зошто наместо Ралев наеднаш Шукова стана кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ, со многу мали шанси за победа. Значи фактите на контекстот и неговите рабови, како што и Жак Дерида упатува кога станува збор за деконструкција на уметноста во книгата „Вистината во сликарството“, ја даваат вистината на сликата, за оние кои имаат очи и ум да ја видат. Прочуената реплика на Платон – ти немаш очи да ја видиш идејата – денес во мициленд би можела да важи за сите оние кои како нојот со главата во песок не сакаат да се соочат со бруталноста на фактите на овој контекст и вџашувачката одлука на Венко Филипче (актуелниот Претседател на СДСМ) да си го погази својот збор односно, еве да бидам попрецизен, својата покана кон Ралев. Бидејќи се исклучени други причини за тоа (некакви радикални промени на околностите, на контекстот според кои и во кои е донесена неговата одлука за покана на Ралев), лично мене пред очи ми се појавува сликата, одгатката на случајот Ралев – Шукова и шокантното предомислување на Претседателот Филипче. Имено, како некој или некои Платоновски да виделе дека Ралев односно СДСМ може да победи во Скопје па мотивирани од желбата или од некаков договор со мицковистичко дпмне за нивна победа и во Скопје, да извршил веројатно жесток притисок врз Претседателот Филипче, во координација со неочекуваното самопријавување на Шукова за кандидат за Скопје? Дали е тоа вистинската слика, вистината во сликата или дали само моите очи и ум ја гледаат таа Платоновско-Деридијанска вистина во оваа конкретна слика-случај, не знам. Но, се чини деа тоа е најрационалното објаснување на сета оваа сага околу Ралев и Шукова, а логичката процедура наречена Окамовиот брич сеуште е најпродуктивниот модел на анализа. Се разбира, не може да се тврди, но може да се претпостави со голема веројатност, дека и овде станува збор за фамозниот договор Заев-Мицкоски, дека таму е вистината во сликата наречена погазување на зборот-поканата на Претседателот на СДСМ Венко Филипче. Ги проверив уште еднаш јавно достапните информации за тајните средби Заев-Мицкоски, и навистина нема простор за сомнеж дека истите се случиле – има повеќе изјави на битни политичари дека такви средби имало.
Што и како се договорило, конкретно не знаеме но апстрактно, па еве гледаме – наместо Ралев од СДСМ, Шукова од СДСМ, наместо голема можност за победа на СДСМ со Ралев, голема можност за пораз на СДСМ со Шукова. Дали Претседателот на СДСМ Венко Филипче, исклучително остроумен и паметен човек, како што самиот се уверив после неколку разговори со него, ќе успее некогаш да се оттргне од тоа влијание кое ете, за жал, се гледа дека е пресудно во неговите одлуки односно одлуките на СДСМ не знам, но знам дека се додека договорите од тие тајни средби Заев-Мицкоски не се поништат како партиска обврска па дури и императив за СДСМ и лично Претседателот на СДСМ Венко Филипче, ние обичните луѓе ќе живееме во диктаторски режим, во сиромашна квази-демократска држава, надвор од ЕУ и можности за напредок, во се помал слободен простор за живеење и изразување на мислењето како придонес за можна гласачка победа над диктатурата, и во се потешки околности среде дикаторскиот режим и неговиот репресивен апарат, во пајажината на сите институции на системот како слепи политички послушници на режимот на мицковистичко дпмне, влен и знам.
Мициленд всушност не ни може да постои поинаку освен како резултат, последица, творба на тајни политички договори во име на лични интереси, договори кои подоцна се операционализираат дури и како партиски одлуки. Се додека од мене многу почитуваниот Венко Филипче не биде вистински Претседател на СДСМ со суверени одлуки а не само ,,претседател“ на СДСМ кој преку ноќ ги погазува своите ветувња, покани, одлуки, ние сме осудени на пеколот наречен мициленд.
Текстот е сопственост на Локално.мк