Декаденцијата на власта станува хронична состојба на државата. Политичкиот рејтинг го замени јавниот интерес, а голата власт стана самодоволна цел. Гледам како манипулацијата со јавноста станува алатка, а јавноста нејзин заложник. И сето тоа ме потсетува на една друга форма на ентропија, онаа животната. Не е се секс, дрога и рокенрол. Љубам рокенрол, но знам дека многу рокери ја изгубија битката токму затоа што зависноста го зеде најдоброто од нив.
Жанета Ќосе
Се почесто си го поставувам истото прашање – дали македонското општество и јас живееме во систем кој одамна ја загубил битката со сопствената ентропија ? Не онаа од учебниците по термодинамика, туку една поопасна, метафизичка и социолошка, ентропија на вредности, на етика, на смисла. Ако во науката ентропијата е мерка за бројот на можни подредувања на системот, кај нас таа станува мерка за бројот на начини на кои може да се разгради она што некогаш го нарекувавме „општествен поредок“.
Живееме во држава што 35 години транзитира без да стигне никаде. Како да патуваме во воз што кружи во бесконечна елипса, оди напред без да напредува. Пред дваесет години добивме статус на кандидат за ЕУ и тогаш верувавме дека сме на прагот од едно поинакво утре. Денес тој праг го газат други, Албанија веќе чука на вратата, а јас се прашувам каде сме ние ? Во кој ќорсокак се изгубивме ? Кој вирус го нападна системот ? Се чини дека нашиот системски вирус не е еден, туку цела колекција – ерозија на вредностите, изместен компас, замена на моралот со манипулација, на визијата со суета.
Она што ме загрижува најмногу е неповратноста на процесите. Ентропијата, велат, секогаш се зголемува ако не вложиш енергија да ја намалиш хаотичноста. Кај нас, енергијата на критичката јавност и здравата мисла не се трансформира, туку се губи. Како топлина во празен простор. Наместо да ја користиме за редефинирање на вистинските вредности, дозволуваме да испари во дневно политичка манипулација, во празни ветувања, во бесконечни прес конференции што траат пократко од заборавот што доаѓа по нив.
Декаденцијата на власта станува хронична состојба на државата. Политичкиот рејтинг го замени јавниот интерес, а голата власт стана самодоволна цел. Гледам како манипулацијата со јавноста станува алатка, а јавноста нејзин заложник. И сето тоа ме потсетува на една друга форма на ентропија, онаа животната. Не е се секс, дрога и рокенрол. Љубам рокенрол, но знам дека многу рокери ја изгубија битката токму затоа што зависноста го зеде најдоброто од нив. Начинот на живот ги презема и на крај ги носи до сопственото уништување. Зарем не е тоа истото што му се случува на општеството кога ќе се навлече на популизам, на корупција, на политичка зависност ?
Во тој хаос, најлесно е да ги заборавиме младите. Тие кои не живееја со југословенската носталгија, ниту со транзициските неврози, туку живеат со последиците од сето тоа. Тие се најголемите жртви на нашата општествена ентропија – генерациите што ги губиме во потрага по достоинствен живот, генерациите што ги гледаат вредностите како нешто што важело некогаш, а денес важи само ако ти носи лична корист. Но токму тие треба да ни се фокусот. Не како флоскула, туку како последна шанса да го намалиме хаосот. Да воскреснеме вредности што ги тргнавме настрана, како чесност, достоинство, труд, знаење, солидарност, перспектива. Да изградиме систем во кој благосостојбата на секој поединец е цел, а не колатерална штета на нечиј политички егзибиционизам.
Ентропијата може да се победи само ако внесеме енергија – енергија на критичка свест, на одговорност, на решителност да не го прифаќаме хаосот како природна состојба. Јас верувам дека се уште имаме сила за тоа. Но само ако престанеме да ја гледаме повторливата распаднатост како судбина, а да почнеме да ја гледаме како предупредување.
Во спротивно ќе продолжиме да кружиме во истиот транзициски воз, додека сите други одамна стигнале на својата дестинација.




