Зоран Иванов
Трамп, со неговиот план од 28 точки за Украина во кој, наспроти сите меѓународни стандарди, правила, закони, пропагира отстапки и практично озаконување на туѓи територии, на земја, градови и села на други држави, територии окупирани и освоени со војна, со воени дејствија, со агресија, со вооружен упад во територија на друга суверена држава членка на ООН, практично промовира и, наместо мир, се обидува да стандардизира немир.
Посебно во ситуации како оваа во која деценија, две наназад, токму меѓународната дипломатија не умееше или не сакаше да согледа и да предвиди можни последици кои наместо нови и постојано нови дипломатски напори, оставија простор за агресија.
Доколку ваквиот приод му е потребен за натаму, за некакви негови амбиции што ги преставуваше во својата изборна кампања на темите Гренланд, Канада, па нешто, ако може, и надолу да чепне по малку и на север од јужноамериканскиот континент, во јужните американски предели, тоа е интересна игра, ама само игра како за на флипери.
Менување на едни граници со војна неминовно и кога тогаш, води кон нови и нови војни. И не само тоа, туку некои од точките на планот на Трамп се практично покана до воено силните и агресивни држави, кога тоа ќе им годи, да си се послужат, да си се угостат, со било која територија сопственост на друга соседна или не соседна држава, сеедно.
Ако со планот од 28 точки Трамп сакаше и да ѝ намигне на Кина за Тајван, на пример, или да ѝ прати порака на Данска за Гренланд, тоа е друга тема за експерти на овие и вакви можни нови ситуации.
Тоа што за актуелниве воени околности говори блиското меѓународно искуство, е содржано во фактот дека воените конфликти овде во Европа, попрецизно на Балканот или во неговата близина, отсликуваат три можни сценарија за расплет или барем за привремена стагнација на актуелната воена украинско руска ситуација и еве ги, без широки елаборации туку само колку за потсетување и по обратен временски распоред:
Првата, на која посебно се вади Москва, е Косово по чие со војна одвојување од Србија, поранешната српска покраина се бори за рамноправен меѓународен статус, но која, и покрај тоа што не е членка на ООН, де факто функционира како самостојна држава.
Втората е Босна и Херцеговина, климава федерфација во која, со посебна самостојност, егзистира една држава во држава, Република Српска, практично „држава во држава“ со посебни ексклузивни прерогативи во рамките на федералната држава и со лабави центристички врски со главниот град Сараево.
Третата е Кипар со веќе замрзнат конфликт, држава членка на ООН но поделена речиси на половина по грчко – турскиот воен судир од пред веќе повеќе од пет децении.
И, ако во првиот и во вториот случај имаше некаков за едни победнички, за други губитнички договор во Куманово и во Дејтон, договор со потписи на инволвираните страни во конфликтите , во третиот, кипарскиот, еве, и по педесет и една година (не)мирот виси како замрзнат конфликт.
А за ова со Русија и Украина, Европската Унија и Британија или поточно највлијателните европски држави Британија, Германија и Франција, наспроти планот на Доналд Трамп, предложија нов план со кој го оспоруваат Трамповиот со фактот што се повикуваат на меѓународното право и на неправото државни граници да се менуваат на сила и без согласност на засегнатите страни.
Оттука, овој рулет од 28 точки што го заврти Трамп, а кој цинично го нарече „мировен“, во некои негови точки упатува на сценарија за расплет во форми спомнати погоре во текстов во трите посочени ситуации: Косово, БиХ и Кипар.
Кој од споменатите „модели“ или некаков од нив благ хибрид ќе преовлада на актуелната и мошне сложена преговарачка маса растегната помеѓу интересите и политиките на Кијив и Москва и Брисел со Британија и Вашингтон, е прашање чиј одговор, кај и да е, ќе мора бргу да се случи.
Секако, тоа што би било фер не само за Украина туку и силна меѓународна порака за мир и за стабилноста во светот и на светот воопшто, би бил расплет со епилог кој, по примерот на БиХ , би ја сочувал и би ја гарантира унитарноста на Украина.
Моделот со примерот на Косово, без сомнение, би била нај не посакуваната варијанта за Кијив и една евентуално таква разврска не само што би била флагрантно кршење на меѓународното право туку, практично, и отворена врата за моќните, за кога тоа ќе им се ќефне, со разни изговори или со не изговори, да нагазат врз интегритетот на послабите.
И, третата, ситуација налик на таа со Кипар, ситуација која, можеби, не можеби туку која, смета авторот на овие редови, во овие околности во кои и покрај актуелниот наплив на дипломатски и медиумски оптимизми, ќе е нај веројатниот епилог на речиси четири годишната руска агресија врз територијалниот интегритет на Украина, епилог на децениски ако не и на вековен замрзнат конфликт.
И секако, нај неповолната ситуација од сите неповолни разврски по мирот и по правниот поредок воопшто, би била доколку стариот итрец Трамп, планот „28“ не го смислил за да биде одбиен, да си обезбеди алиби и елегантно да се извлече од војната во Украина и воените или мировните решенија, сеедно, да им ги препушти на разгалените Европејци за првпат во вакви големи меѓународни кризи тие самите, овој пат без САД, да си ги чукаат своите неединствени и нерешителна глави и самата таа Европа да си се справува со актуелната воена криза што и` се случува на нејзиниот континент.
Но, за одговор на дилемиве, да почекаме уште ден, два или уште месец, два најмногу. Можеби, сепак, ќе е можно, а наспроти овие балкански примери, робусно активираната европска дипломатија да успее да ги анулира радикалните, практично територијалните зафати нотирани во предлог на Трамп.
И дека мирот е можен не како „мир за територии“ туку како „мир за човекови права“.




