– Албумот со сликички под наслов „Оставки“ каде што веќе ги ставивме сликите на екс министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, и на екс директорот на УБК Сашо Мијалков, треба да го наполниме со уште многу имиња, рече на денешниот протест новинарот Огнен Јанески.
Тој пред стотиците граѓани, кои и денеска продолжија со протестите кои започнаа по објавувањето на бомбата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за прикривањето на убиството на младиот Мартин Нешковски, рече дека не смеат да се заборават и министерот за здравство Никола Тодоров, и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.
Во својот говор Јанески пред граѓаните потенцираше дека денеска е 95.ден по смртта на малата Тамара Димовска, за што вината ја посочи во Тодоров.
– Никола Тодоров мора да одговара за смртта на Тамара. Никола Тодоров на 21.ноември 2014 година излезе од надлежностите на својата функција и на народот му вети дека ќе плати се за Тамара. Со тоа ветување, тој ни ја одзeде можноста ние на Тамара да и ги собереме парите. Затоа Никола Тодоров треба да си оди, рече Јанески.
Во однос на Канческа-Милевска, тој рече дека низ нејзиното министерство поминале “сите испрани пари“ од кои се изградени спомениците во проектот Скопје 2014.
– Немаа 30.000 евра за Тамара ама затоа имаа 600.000 евра за Мерцедес, рече Јанески, алудирајќи на последната бомба на Заев според која, премиерот Груевски си нарачал преку МВР луксузен Мерцедес во вредност од речиси 600.000 евра.
Огнен Јанески побара оставка и од двајцата министри, и порача дека протестите мора да продолжат, бидејќи само така народот ќе ја преземе демократијата во свои раце.