Образованието е во кома. Наставниот кадар е оставен сам на себе, без јасна поддршка и без визија. Наставните програми се менуваат како модни трендови, без суштинска анализа и континуитет. Дигитализацијата е повеќе пиар отколку практична трансформација, а критичкото размислување и автономијата се оттурнати на маргините. Наместо да биде простор за еманципација, образованието станува механизам за одржување на просечноста и послушноста. Пензионерите чекаат чудо, синдикатите штрајкуваат, владата се гордее со „стабилизирана инфлација“.
Жанета Ќосе
„Талог на општеството“, „полноглавци“, „незрели“, „безидејни“. Ова не се спонтани испади ниту момент на политичка нервоза. Ова е јазик. Систематски, повторлив и намерен. Јазик со кој не се објаснуваат политики, туку се етикетираат луѓе. Јазик кој не отвора дебата, туку затвора усти. И токму од тој јазик почнува приказната за коматозната власт.
Овој јазик не е насочен само кон медиумите, туку систематски се употребува и кон опозицијата, особено кон СДСМ и неговото раководство. Квалификациите дека опозицијата е „незрела, безидејна и неодговорна“ не се политичка анализа, туку комуникациска стратегија. Во контекст на теориите на политичка комуникација, ваквите настапи јасно претставуваат ad hominem стратегија и форма на симболичка доминација, на свесно префрлање на дебатата од содржинско и аргументирано ниво кон персонално и моќно ориентирано поле. Наместо да се одговори на суштинските прашања што ги отвора опозицијата, за техничката влада, институционалната узурпација и за контролата на механизмите на демократијата, се користат лични дисквалификации. Со тоа не се побива аргументот, туку се дискредитира носителот на аргументот. Според комуниколошките теории, ова служи за делегитимирање на политичкиот противник како рационален актер и за ерозија на неговиот кредибилитет во јавната перцепција, без потреба од рационална контрааргументација. Истовремено, преку инсистирање на мнозинството, институционалната моќ и способноста одлуките да се носат „и без дијалог“, се демонстрира симболичка доминација во смисла на Бурдје – јазикот не се користи за убедување, туку за воспоставување хиерархија и дисциплинирање. Во таа комбинација, политичката комуникација престанува да биде простор за демократска расправа и се претвора во сцена на демонстрација на сила, што претставува сериозна деградација на јавната сфера и на демократскиот капацитет на општеството.
Денес не водат политички аналфабети кои упорно употребуваат пежоративна реторика, а граѓаните живеат како што живееја нивните претходници пред три децении, кога државноста беше уште во повој. Со чувство на хронична неизвесност, со малку надеж и многу прашина во очите. Просечната минимална плата е 397 евра. Да, 397 евра, симболична, речиси карикатурална бројка во 21 век. Младите не заминуваат затоа што бараат богатство, туку затоа што бараат перспектива. Нормалност. Правна сигурност. Достоинствен живот. Почит.
Во регионот, економската самопочит постепено расте. Во Црна Гора минималната плата е 600 евра, во Србија до 580, во Федерацијата БиХ 525, во Република Српска 511, во Албанија 444 евра. Кај нас, минималната плата не е само пониска – таа е порака. Порака дека трудот вреди малку, дека животот е трошок, а достоинството луксуз. Додека соседите, со сите свои противречности, полека ја подобруваат економската положба на граѓаните, кај нас денарите се бројат како да станува збор за монополски жетони, а не за реални животи и иднини.
И тука веќе не станува збор само за економија, туку за фрејминг – за начинот на кој власта ја „врамува“ реалноста. Теоријата на фрејминг јасно покажува дека политичките актери не и кажуваат на јавноста само што да мисли, туку и како да мисли. Со изборот на зборови, акценти и метафори, истата состојба може да се претстави како „стабилност“, „реформа“ или „неминовност“. Кога минималната плата се фрејмира како „успех“, а масовното иселување како „личен избор“, одговорноста вешто се префрла од системот кон поединецот. Ако заминуваш – проблемот си ти, не државата.
Младите, со куфери полни со знаење, вештини и амбиции, тргнуваат кон други држави каде трудот и талентот не се симболични. Евростат покажува дека 62% од младите сакаат да ја напуштат нашата земја, а 77% од нив не планираат да се вратат. Тоа веќе не е тренд, туку структурен егзодус. Околу 12 илјади млади годишно заминуваат, во Германија, Италија, Австрија, Чешка. И додека нашата држава гордо ги брои казните, Европа ги брои нашите мозоци.
Образованието е во кома. Наставниот кадар е оставен сам на себе, без јасна поддршка и без визија. Наставните програми се менуваат како модни трендови, без суштинска анализа и континуитет. Дигитализацијата е повеќе пиар отколку практична трансформација, а критичкото размислување и автономијата се оттурнати на маргините. Наместо да биде простор за еманципација, образованието станува механизам за одржување на просечноста и послушноста. Пензионерите чекаат чудо, синдикатите штрајкуваат, владата се гордее со „стабилизирана инфлација“.
Според Јирген Хабермас, демократијата зависи од автономна јавна сфера – простор во кој аргументите, а не моќта, ја водат дебатата. Но кога политичката комуникација се сведува на навреди, симболичка демонстрација на сила и медиумска дисциплина, јавната сфера се колонизира. Таа престанува да биде простор за рационална дискусија и се претвора во спектакл.
Токму тоа се случува кога премиерот вели дека не сака да биде „уредник на медиумите“, а во ист здив ги нарекува дел од нив „талог на општеството“ и бара да пишуваат за „убави работи“. Ова не е повик за оптимизам, туку класична ad hominem стратегија, напад врз носителот на критиката наместо одговор на аргументите. Со тоа медиумите се делегитимираат како рационални актери, а критиката се претставува како злонамерност.
Во исто време, се демонстрира симболичка доминација. Како што укажува Пјер Бурдје, симболичката моќ се спроведува преку јазикот. Кога политички лидер инсистира на своето мнозинство, институционална контрола и можност да одлучува „и без дијалог“, тој не убедува – тој дисциплинира. Јазикот не му служи за убедување, туку за поставување хиерархија.
Овој механизам е тесно поврзан со идеолошката интерпелација, процес преку кој државните идеолошки апарати ги „повикуваат“ граѓаните да ја прифатат улогата што им е наменета. Образованието, медиумите и институциите не ја неутрализираат нееднаквоста, туку често ја репродуцираат. Како што покажуваат анализите на симболичката доминација и антиидеолошките обиди, вклучително и педагошките идеи на Лав Толстој за слободно воспитување, симболичкиот капитал се пренесува од генерација на генерација, а критичкото мислење се доживува како закана.
Во тој контекст, забраната за пушење, дипломатската сапуница околу јазикот и акциските планови без суштина не се изолирани политики – тие се димна завеса. Додека државата се кара за формалности, младите пакуваат куфери. Додека се бројат цигари и казни, се губи највредниот ресурс – човекот.
Заклучокот е горчливо јасен. Оваа власт не е во конфликт со реалноста – таа ја врамува, ја омаловажува и ја дисциплинира. Наместо да создава услови за достоинствен живот, таа создава наратив во кој критичарите се „талог“, медиумите се проблем, а заминувањето е лична вина. Власта брои цигари и казни, Европа брои мозоци. Власта се кара за зборови, младите заминуваат без збор. Тоа не е случајност. Тоа е стратегија. И затоа ова не е само коматозна власт. Ова е власт која свесно го приспива општеството, додека иднината тивко, но масовно си заминува.




