Јасно и гласно ќе крикнам – Како бе не се најде некој со големи тестиси да донесе закон дека сите додатоци за моиве ангели треба да се исплатат ТОЧНО НА ПРВИ, секој месец, без доцнење, без тегнење на локумот до седми, до десетти?
Виолета Софкаровска
Има еден немир што врти-врти, туку ќе ме обземе.
Понекогаш ме боли, но почесто ме тера на размислување, па ми дава храброст да го срочам во кратки текстови, оти никој нема доволно време и нерви да чита долги писанија.
Да, немирот е врзан за моиве ангели!
Веќе 21 година мојот професионален живот е испреплетен со оној на лицата со некаков вид попреченост, инвалидитет, хендикеп, како и да ги нарекуваме состојбите што сметаме дека отскокнуваат од вообичаената анатомија на човечкото тело и умот.
Никогаш, ама баш никогаш не сум го работела ова само заради платата што ми ја дава државата, да бидам можеби прв гласник што ќе ја пренесе информацијата од малиот, најчесто невидлив човек до заедницата што сака да се нарекува себеси човечка.
Секогаш, секоја снимена и измонтирана минута биле нагиздени и со помисла – што сме сториле досега, што правиме денеска, што треба да поправиме најитно, за да изградиме институции, да изградиме безбедносен општествен систем, во кој што понемоќните ќе се чувствуваат достоинствено, згрижено, со повеќе подадени раце. Или она најбисерното – свесност дека сите ние треба да сториме по нешто што ќе им го олесни животот, ќе ги измеша во секојдневната врвулица, па попреченоста нема ниту да се гледа, ниту да се апострофира…
И после 35 години градење самостојна држава Македонија, чинам дека се уште се вртиме во некој маѓепсан круг на неинвентивноста, на некадарноста, на незнаењето, на неемпатијата, море ќе речам и на безобразието на условно супериорните – оние што се здрави, прави, со цел ум, ама испразнето срце.
Никогаш не сум ги мирисала тие самобендисаните!
Нека биле накитени со титули и функции!
Секогаш сум ги гледала и гледам како моментални среќници што се дограбиле до медот од кој што сркаат, а тој е наш заеднички.
И секогаш ми било жал што им е скусен светогледот од алчноста и немањето храброст да направат нешто по што ќе бидат запаметени, нешто по што ќе ги благословуваат генерации…
Да не дробам!
Јасно и гласно ќе крикнам – Како бе не се најде некој со големи тестиси да донесе закон дека сите додатоци за моиве ангели треба да се исплатат ТОЧНО НА ПРВИ, секој месец, без доцнење, без тегнење на локумот до седми, до десетти?
Како не се најде некој со големи тестиси што ќе седне и ќе пресмета дека тие мизерни суми стасуваат само за нешто, а не за се што му треба да еден невработен, отсечен од вообичаените општествени текови и уште обременет со дијагноза?
Како никому не му е гајле дека некои си 10 проценти од населението е со некаков вид попреченост?
Мене ми е гајле!
Мене и уште на печес души тука на фејсбуков што ги читам, ни пречи лошиот распоред на приоритетите!
Извинете властелини, не се согласувам да не понижувате и толчите, да коленичите пред некои белосветски моќници и да двоите над 300 милиони евра ли, долари ли наши пари за вооружување!
Имам многу примери што можам овде да ви ги наредам. Примери колку сме заробени од кусогледи манги што се мислат себеси лидери. Извинете, ама лидер е некој што има визија да гледа зад планините, лидер е оној што повлекува маса спрема некоја хумана цел, лидер е оној што не се плаши да застане сам против толпата. Лидер е оној што народот ќе го прогласи, не оној што бесрамно си ја лепи таа етикета….
Ааа, сакавте да ви набројувам примери?
Ок, ќе редам!
Меѓу последно чуените и прочитаните:
– Што ќе ви се дневни центри за деца со попреченост? За да можете вие родителите кафе да пиете по кафиќи?
– Шо се занесуете вие, родителите? Македонија Швајцарија ли е, па за сите да има електромоторни колички?
– Продајте си го станот, преселете се во помал, на приземје!
– Шо да ви правиме? Детето и така нема долго да живее! (УЖАС!)
– Платете си сами асистент, ние ви пуштаме човек само два саата неделно!
– Извинете за денеска, комбето за превоз се расипа, снаоѓајте се!
– Нова протеза за ногата ви следува во септември 2026! Дотогаш, лежете дома, шо мора да се ака секој ден!
Ако ми текне уште за уште некоја глупост, ќе допишам!
Ова ли е нашата мила мајка Македонија, ова ли сме ние?
Од Фејсбук ѕидот на авторката




