Претседателот на Судот, на прес конференцијата одржана по завршувањето на седницата, изјави дека легитимната цел на донесувањето на оспорените одредби на Законот за ПИО, како мерка, е ублажување на последиците од зголемувањето на трошоците и инфлацијата. Види богати! Претседателот на Уставниот суд се грижи за „легитимната цел“ која ја одредила Власта (Владата како предлагач на Законот и Собранието како негов доносител). Таа е легитимна цел на власта, а не на уставниот поредок утврден со Уставот за чија заштита е надлежен Уставниот суд. Грижејќи се повеќе за легитимната цел на власта, отколку за заштитата на уставноста, претседателот губи од вид дека инфлација има во најголем број држави на Планетава. Ја има во секоја европска држава. Трошоците за живот растат во цела Европа. Во голем број од државите во кои моментално живеат нашите пензионери „странци“ трошоците за живот се далеку поголеми отколку во Македонија.
Темелко Риостески
Според член 108 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста. Во рамките на тоа, тој покрај другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот. Пред четири дена тој одлучи да не се поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 1 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на РСМ,“ број 75/25) со кои им се ускратува правото на усогласување ( зголемување) на пензиите на 12 илјади пензионери на кои пензијата им се исплатува во странство.
Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Северна Македонија пред Уставот и законите се еднакви во слободите и правата. Во случајов, со оспорените одредби е оневозможена исплатата на усогласувањата на пензијата на пензионерите, државјани на Република Северна Македонија – осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Републиката кои пензијата ја оствариле по основ на работен однос во Републиката и кои по пензионирањето, од објективни или субјективни причини, ја напуштиле територијата на Републиката и се преселиле во странство. Со тоа тие се доведени во дискриминирачка положба во однос на пензионерите кои останале да живеат во Републикава, што според погоре цитираните одредби на Уставот е недопустливо.
На седницата на која Уставниот суд ја донесе одлуката да не се поведе постапка за оценување не уставноста на спорните одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување на која лично присуствував, како еден од подносителите на иницијатива за оценување на нивната уставност, се разбира, прв имаше збор судијата известител проф. д-р Осман Кадриу, човек кој додиполмските и постдипломските студии ги завршил на Правниот факултет при Универзитетот во Белград и докторирал на истиот факултет во време кога не беше лесно да се докторира. Човекот перфектно го изнесе своето гледиште од повеќе аспекти и заклучи дека со оспорените одредби се врши дискриминација на пензионерите кои живат надвор од државата и им се ускратува правото на зголемување на пензијата.
По него зеде збор претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски. Тој, како основно наведе, дека пензионерите кои ја примаат пензијата во државава и оние кои ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него за повреда на членот 9 од Уставот кој се однесува еднаквоста на граѓаните, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка состојба, што во овој случај, според него, не е исполнето.
По претседателот за збор се јави судијата Фатмир Скендер кој го подржа стојалиштето на судијата известител Кадриу. По него, бидејќи друг судија не се јави за збор, претседателот ја заклучи расправата по тој предмет и премина на следниот предмет. Впрочем зошто судиите би се јавувале кога претседателот кажа се наместо нив.
Нека ми прости почитуваниот претседател и млад доктор на правни науки, но неговото тврдење дека пензионерите кои ја примаат пензијата во државава и оние кои ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба е логички а, според тоа, и уставно правно неодржливо. Des mihi factum, dabo tibi ius. Правната состојба произлегува од фактичката состојба која ја сочинуваат правно релевантните факти. Тоа се оние факти кои се во непосредно врска со правото или обврската на субјектот за кои се одлучува. Ако пензионерите кои ја примаат пензијата во државава и оние кои ја примаат надвор од неа се во иста правна состојба, тоа значи дека се и во иста фактичка состојба. Во случајов на нашите пензионери „странци“ се работи за право на усогласување на пензиите. При одлучувањето за ова право, а во врска со него и за уставноста на оспорените одредби на Законот за ПИО, правно релевантни факти се следниве: дека тие се осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ; дека се корисници на пензија од средствата на тој Фонд и дека Фондот им ја исплатува пензијата. Како такви тие имаат право на усогласување на пензијата. Местото на живеење (држава, село, град) е ирелевантен факт во однос на правото на усогласување на пензиите. Според тоа, пензионерите на кои пензијата им се исплатува во странство, гледано низ призмата на членот 9 од Уставот, со оспорените одредби на Законот за изменување и дополнување на Законот за ПИО се дискриминирани во однос на пензионерите на кои таа им се исплатува во Републикава. Дека тие се дискриминирани дала мислење и Комисијата за заштита од дискриминација кое, според мене, има значење на мислење дадено по извршено вештачење.
Одиме на членот 35 од Уставот. Во став 1 од овој член Уставот пропишува дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните, согласно со начелото на социјална праведност. При постоењето на оспорените одредби не може да стане збор за социјална сигурност на пензионерите на кои пензиите им се исплаќаат во странство, ако тие не добиваат усогласување на пензиите како што добиваат пензионерите на кои пензиите им се исплаќаат во Републикава. Исто така не може да стане збор ни за социјална праведност. Праведноста подразбира отсуство на дискриминација, што во конкретниов случај не е така. Пензионерите на кои исплатата на пензиите им се врши во странство, со оспорените одредби, се доведени во неправедна положба во однос на пензионерите на кои пензиите им се исплаќаат во Републикава.
Претседателот на Судот, на прес конференцијата одржана по завршувањето на седницата, изјави дека легитимната цел на донесувањето на оспорените одредби на Законот за ПИО, како мерка, е ублажување на последиците од зголемувањето на трошоците и инфлацијата. Види богати! Претседателот на Уставниот суд се грижи за „легитимната цел“ која ја одредила Власта (Владата како предлагач на Законот и Собранието како негов доносител). Таа е легитимна цел на власта, а не на уставниот поредок утврден со Уставот за чија заштита е надлежен Уставниот суд. Грижејќи се повеќе за легитимната цел на власта, отколку за заштитата на уставноста, претседателот губи од вид дека инфлација има во најголем број држави на Планетава. Ја има во секоја европска држава. Трошоците за живот растат во цела Европа. Во голем број од државите во кои моментално живеат нашите пензионери „странци“ трошоците за живот се далеку поголеми отколку во Македонија. Не би бил во кожата на мојот пријател кој живее во Словенија, каде платите и пензиите се далеку повисоки од македонските и куповната моќ на граѓаните е многу поголема од онаа на нашите граѓани, а живе од македонска пензија која за него и неговата сопруга е единствен извор на средства за живот. Исто така не би бил во кожата на мојот познаник, македонски пензионер, кој отиде да живее кај децата во Германија каде трошоците за домување (и живот воопшто) се значително повисоки отколку во Македонија. Би ги прашал почитуваниот претседател, а и повеќето, почитувани колеги – судии кои тргнале по неговиот ум и гласале да не се поведе постапка за оценуваа на уставноста на оспорените одредби на Законот за ПИО, како би се чувствувале во кожата на нашите пензионери во Германија, Швајцарија, Франција, Шведска, Словенија и т.н.
Кога сме кај тргнувањето по умот на претседателот на Судот кој во случајов повеќе се грижи за легитимната цел на власта отколку за уставноста на Законот, како поранешен судија во југословенското судство (две години стручен соработник во Врховниот воен суд во Белград и седум години судија на Воениот суд во Скопје), ми падна в очи тоа што веднаш по судијата известител зеде збор претседателот. Во судовите во кои што работев, а и во Сојузниот суд на чии седници два пати присуствував, претседателот на судот или на судскиот совет земаше збор откако ќе констатираше дека никој од судиите не се јавува за збор. Тоа впрочем беше регулирано и со закон за да се избегне влијанието на позицијата – авторитетот на претседателот врз судиите.
Да заклучиме. Во конкретниов случај Уставниот суд, наместо на страната на уставноста, застана на страната на политиката – „легитимната цел на власта.“ Со тоа тој ги повреди: владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8, став 1, алинеја 3 на Уставот, уставно гарантираната еднаквост на граѓаните на Републикава пред Уставот и законите од член 9 на Уставот и начелото на социјална праведност од член 35, став 1 на Уставот. Со тоа тој спречи 12 илјади пензионери кои маката ги натерала да живеат во странство, со заштита на уставноста, да си го остварат своето право на усогласување на пензијата со порастот на трошоците на живот и на просечната нето плата во Републикава, односно да добијат зголемување на пензијата.
Од Фејсбук ѕидот на авторот




