Минималната плата, која останува најниска во регионот, дополнително ја продлабочува оваа динамика. Таа не е само бројка, туку порака за вредноста на трудот. Кога трудот е потценет, се потценува и човекот. Во таков амбиент, младите не гледаат перспектива, а работоспособното население се наоѓа во постојан притисок да избере помеѓу достоинство и преживување.
Жанета Ќосе
Има нешто длабоко вознемирувачко во начинот на кој секојдневието почнува да личи на статистика, а статистиката – на судбина. Кога бројките престануваат да бидат апстракција и стануваат утринска грижа, кога цената на лебот и струјата го диктираат расположението во домот, тогаш не станува збор само за економија, туку за распаѓање на општествениот поредок – за ентропија во нејзината најжива форма. Економската ентропија не е само зголемување на хаосот во системот, тоа е тивко, но упорно разградување на довербата, предвидливоста и чувството на сигурност кај граѓаните.
Ако се обидеме да го фатиме пулсот на оваа состојба преку најконкретниот индикатор – синдикалната кошница – ќе видиме дека таа веќе не е мерка, туку аларм. 68.797 денари за април, со месечно зголемување од речиси илјада денари, значи дека животот станува поскап со темпо што ја надминува способноста на граѓаните да се прилагодат. Ова не е нормална инфлација, ова е инфлација што го јаде стандардот, што го претвора трудот во недоволен ресурс. Во услови кога две просечни плати не се ни оддалеку доволни да се покрие минималната кошница, прашањето „како да се истурка месецот“ не е реторичко, туку егзистенцијално.
Тука се отвора суштинското прашање, дали ова е резултат на неизбежни глобални трендови или на домашна економска политика што доцни, греши и понекогаш целосно изостанува ? Одговорот, колку и да е непријатен, лежи во комбинацијата, но со јасна доминација на второто. Зголемувањето на акцизата на горивата од 10 на 18 проценти, во момент кога цените веќе достигнаа врв, не е само фискална мерка – тоа е комуникациски сигнал. Сигнал дека товарот повторно се префрла на граѓаните, дека државата реагира ретроактивно наместо превентивно, и дека економската политика се води без чувствителност кон времето, кое во кризни услови е клучен ресурс.
Како што би рекол Милтон Фридман, „инфлацијата е секогаш и секаде монетарен феномен“, но во нашиот контекст таа е и комуникациски феномен. Начинот на кој се носат и објаснуваат мерките создава дополнителна несигурност. Кога граѓаните не знаат што следува, тие почнуваат да се однесуваат дефанзивно – штедат, одложуваат, се повлекуваат од потрошувачка. Тоа пак ја успорува економијата, создавајќи затворен круг на стагнација и растечки трошоци.
Минималната плата, која останува најниска во регионот, дополнително ја продлабочува оваа динамика. Таа не е само бројка, туку порака за вредноста на трудот. Кога трудот е потценет, се потценува и човекот. Во таков амбиент, младите не гледаат перспектива, а работоспособното население се наоѓа во постојан притисок да избере помеѓу достоинство и преживување.
Но економијата не постои во вакуум. Таа е вградена во поширок геополитички контекст кој дополнително ја комплицира ситуацијата. Членството во НАТО формално обезбедува безбедносен чадор, но не гарантира економска стабилност. Напротив, во рамки на римленд стратегијата, концепт што ја нагласува важноста на периферните зони околу Евроазија, регионот на Балканот повторно станува простор на влијание и конкуренција. Руско-украинската војна е само најеклатантен израз на таа динамика, но нејзините последици се чувствуваат и кај нас, преку енергетските пазари, цените на горивата и геополитичките тензии.
Во таа игра, Северна Македонија се наоѓа во незавидна позиција. Од една страна, формално е дел од западниот безбедносен систем, од друга, процесот на европска интеграција е закочен од билатерални спорови и внатрешни слабости на Унијата. Победата на политички актери во соседството кои имаат резерви кон проширувањето дополнително ја усложнува перспективата. Во такви услови, економската политика треба да биде особено внимателна, проактивна и ориентирана кон заштита на внатрешниот пазар и стандардот на граѓаните. Наместо тоа, сведоци сме на мерки што доцнат и кредити што отвораат повеќе прашања отколку што нудат решенија.
Задолжувањето, особено кога доаѓа од политички блиски, но економски и институционално контроверзни извори, сега веќе и политички мртви, не е само финансиска одлука, туку и комуникациски ризик. Тоа испраќа порака за зависност и недостаток на алтернативи. Во комбинација со перцепцијата дека традиционалните партнери, ЕУ и САД, го намалуваат своето внимание кон регионот, се создава чувство на напуштеност. Тоа чувство не е само политичко, тоа има директни економски последици, бидејќи ја намалува довербата на инвеститорите и ја зголемува неизвесноста.
Во комуникациска смисла, власта се соочува со сериозен проблем, неуспех да ја артикулира јасна, кохерентна и уверлива економска визија. Наместо стратегија, граѓаните добиваат реакции. Наместо предвидливост, добиваат изненадувања. А економијата, повеќе од било која друга област, бара доверба. Без доверба, секоја мерка, дури и добронамерна, се доживува како закана.
Затоа, кога денес зборуваме за ентропија, не зборуваме само за раст на цените или пад на стандардот. Зборуваме за систем што постепено ја губи својата структура, за општество во кое правилата стануваат нејасни, а исходите непредвидливи. Прашањето не е дали граѓаните чувствуваат притисок, тоа е очигледно. Прашањето е зошто тој притисок не се ублажува, и покрај сите аларми што доаѓаат од опозицијата која ја осветлува реалноста.
Одговорот лежи во комбинацијата на политичка инерција, недоволна експертиза и погрешно поставени приоритети. Кога економската политика се води краткорочно, без стратегиска длабочина, резултатот е токму она што го гледаме – раст на трошоците, стагнација на приходите и ерозија на квалитетот на живот. А кога на тоа ќе се додаде и сложениот геополитички контекст, станува јасно дека без сериозна промена во пристапот, ентропијата ќе продолжи да расте.
Во крајна линија, економијата не е само прашање на бројки, туку на вредности и избори. Прашањето е дали тие избори ќе продолжат да го зголемуваат хаосот, или конечно ќе почнат да го намалуваат.
Економската кусовидост на Христијан Мицкоски се мери не само во бројки, туку во секојдневното понижување на граѓаните кои с,е потешко преживуваат. Наместо стратешко управување со кризата, сведочиме на политики водени од инает и краткорочен рејтинг, по цена на распад на животниот стандард. Ова не е само неуспех на економска политика, туку свесен избор достоинството на луѓето да биде жртвувано за политички поени.




