Од „отпишување“ до докази: Како политички и други актери во земја членка на НАТО ги злоупотребуваат механизмите на демократијата за да ги легитимираат руските освојувања. Случај: Горан Димов, негираниот „член сектора внешней политики партии Левые“
Она што започна како редовен дневен извештај на Тимот за мониторинг на хибридни закани на ЦИВИЛ (ЦХТМ) во средата навечер на 22 април, прерасна во длабинско новинарско истражување на една амбициозна пропагандна операција на Кремљ. Оваа операција, која има меѓународен опфат, не го заобиколува ниту Западниот Балкан — овој пат преку дејствувањето на македонскиот државјанин Горан Димов. И додека во Скопје неговиот статус се оспорува – ќе објасниме од кого, како и зошто – руските државни медиуми наголемо го промовираа како „македонски политичар“, „виш советник“ и „член на Секторот за надворешна политика на партијата Левица“.
Трагата што доведе до ова истражување се појави на Телеграм каналот на руската новинска агенција РИА Новости на 22 април, точно во 09:28 часот.


Веста е дека Сергеј Аксјонов – намесникот на Кремљ на окупираниот Крим, н.з. – е домаќин на настанот „Меѓународни новинари за Русија“. Според РИА Новости, на иста маса седнале претставници од Кина, Турција, Јапонија, па сè до Еквадор и Конго. На оваа егзотична листа на „пријатели на Русија“, како претставник на Северна Македонија, се појавува токму името Горан Димов.
По објавата на Телеграм каналот, веста е објавена и на интернет порталот на РИА Новости во 10:28 часот.

Нешто повеќе од еден час подоцна, во 10:48 часот на истиот канал се објавува видео со изјава од споменатиот Димов. Во видеото, тој се претставува како „политичар од Северна Македонија“, додека во текстот на објавата се претставува како „член на одделот за надворешна политика на партијата Левица“ и дека е на Крим како „дел од група странски новинари и политичари“. Според истиот редослед како и претходната објава, прво на Телеграм каналот, видеото се појавува и на интернет порталот на РИА Новости во 11:37 часот.

Видео: Изјава на Горан Димов за руската државна агенција РИА Новости (Крим, 22 април 2026)
Забелешка: Ова видео е преземено и зачувано во архивата на ЦИВИЛ како дел од мониторингот на руската воена пропаганда. ЦИВИЛ го објавува овој материјал исклучиво за илустрација на механизмите на дезинформација и јавна легитимација на воената агресија.

„Крим успешно се развива во рамките на Русија; тоа е очигледно уште при првото запознавање со полуостровот, дури и ако никогаш порано не сте биле таму. Ова за РИА Новости го изјави Горан Димов, член на одделот за надворешна политика на партијата ‘Левица’ на Република Северна Македонија. Тој пристигна на Крим како дел од група странски новинари и политичари“, пишува новинарот на РИА, Алексеј Гончаров.
Новинарот дополнува дека „пред да пристигнат на Крим, странските новинари и политичари го посетија Донбас и ги посетија станбените згради и инфраструктурата оштетени од гранатирањето од страна на милитантите на украинските вооружени сили“, доследно користејќи изрази од прирачникот на кремљовската пропагандна машинерија.
Во текстот на РИА, придружен со видео изјавата од една и пол минута во која Димов зборува на англиски, тој се претставува како „член на Секторот за надворешна политика на Левица“.
„Исполнет сум со толку многу емоции откако го посетив Донбас. Видов толку многу храбри луѓе таму, како се борат за својата слобода, се борат за вода. Но, видов и нови згради и објекти, и живот воопшто, во сите негови форми. Тоа е многу емотивно место. Би сакал повторно да се вратам таму кога Донбас конечно ќе биде слободен“, изјави Димов за руската РИА.

(линк до целосниот прилог, архивиран во PDF формат)
Тоа не е единствениот настан на кој учествува овој член сектора внешней политики партии “Левые”.
Димов се наоѓа и во извештај на онлајн мрежата „Правда“ каде што е објавена најава за настан на 23 април во која се вели дека државната новинска агенција ТАСС ќе биде домаќин на прес-конференција посветена на форумот на Меѓународната социјалистичка мрежа СОВИНТЕРН.
Според најавата, на форумот ќе учествуваат „претставниците на повеќе од 100 партии со социјалистички ориентации од повеќе од 70 земји од Европа, Азија, Африка и Северна и Јужна Америка“.

Во најавата се наведуваат имињата на говорниците: Александар Бабаков, заменик-претседател на Државната дума и прв заменик-претседател на Социјалистичката партија „Праведна Русија“, Луис Перез Леира, извршен секретар на Антиимперијалистичката народна интернационала и Луис Перез Леира, секретар за меѓународни работи. Меѓу другото, во текстот се најавува и „иновативната платформа на Советот на меѓународни прашања заснована на вештачка интелигенција“ на Американската комунистичка партија од Кристофер Хелали.
Интересно, најавата продолжува со наведување на само две имиња на учесниците од наводни „повеќе од 100 партии“:
„Горан Димов, виш советник во Одделот за надворешна политика на Левичарската партија (Северна Македонија), и лидерот на политичката партија Сојуз на социјалдемократи (Демократска Република Конго), исто така, ќе учествуваат на прес-конференцијата Криспин Кабаселе Тшиманга“, пишува во најавата.

Понатаму, во текстот се открива дека „во пресрет на форумот, тие ја посетија зоната на СВО [Специальная военная операция] за лично да добијат претстава за тоа што се случува во регионот. На прес-конференцијата ќе бидат презентирани клучните вредности и цели на социјалистичката мрежа, како и програмата на претстојниот форум“, стои на крајот од текстот.
Искуството покажува дека ваквите синхронизирани објави на највисоко ниво во руската државна медиумска хиерархија не се само изолирани инциденти, туку јасен индикатор за сериозна и добро подготвена пропагандна операција која носи повеќеслојни импликации. Секој детаљ од овие извештаи — од титулите до локациите — е дел од поширока и добро подмачкана пропагандна машина на Кремљ, операција чии импликации допрва ќе ја тестираат отпорноста на нашите институции, но и искреноста на домашните политички актери.
Одговорот од Президиумот на Левица
Соочени со фрапантниот јаз помеѓу она што се прикажува во Москва и она што е официјална државна политика во Скопје, Редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА упати барање за официјален став до политичката партија Левица. Но, одговорот што го добивме од нивниот Президиум, наместо да ги затвори прашањата, отвори нови и уште посеризни прашања.
Доцна вечерта (22:12 часот) на 22 април, ЦИВИЛ ги испрати следните прашања до Президиумот на политичката партија Левица:
Дали Горан Димов е член на политичката партија Левица и дали тој има официјална функција во „Секторот за надворешна политика“?
Дали неговата посета на окупираните територии на Украина (Крим и Донбас) е организирана или одобрена од партијата како официјална мисија?
Дали неговите јавни изјави за „ослободување“ и „развој“ на овие региони го претставуваат официјалниот партиски став во однос на руската агресија врз Украина?
Одговорот пристигна веќе наредниот ден, на 23 април (14:18), потпишан со Президиум на ПП Левица.
„Импликациите наведени во вашето барање не се точни. Лицето Горан Димов нема никаква функција во Левица, ниту пак Левица има испратено било кого на наведениот настан. Ниту пак Горан Димов ги претставува ставовите на партијата“, гласи краткиот и категоричен одговор на Левица на прашањата од ЦИВИЛ.


Што се крие зад „прецизната“ воздржаност на Левица?
Што има, а што нема во овој одговор од Левица?
На прв поглед, одговорот на Левица делува децидно и убедливо. Но ако се прочита повнимателно, ќе се дојде до заклучок дека овој краток одговор е вешта манипулација или, поточно, она што во анализите се нарекува „веродостојно негирање“ (plausible deniability), стратегија каде што се користи технички прецизен и убедлив јазик за да се прикрие нешто, во случајов – суштинска поврзаност.
Игра на зборови: Како убедливо да се негира „членство“ и „функција“
Така, Левица тврди дека „лицето Горан Димов нема никаква функција во Левица“. Во партиската хиерархија, „функција“ подразбира именувана позиција (претседател, секретар, координатор). Со овој прецизен избор на зборови, Президиумот вешто го избегнува одговорот на првиот дел од прашањето: Дали Горан Димов е член на партијата?
Ако одиме само еден чекор понатаму, ќе забележиме уште нешто. Доколку Димов е „обичен“ член или соработник во Секторот за надворешна политика (партиско тело што реално постои во рамките на партијата и го води членот на Президиумот, Александар Симонов), тогаш тврдењето дека тој нема „функција“ е можеби технички точно, но може да биде и суштински манипулативно.
Институционален парадокс: Како „анонимец“ станува „Виш советник“ во извештаите на ТАСС?
Овде се појавува најголемиот сомнеж. Ако Димов нема никаква функција, како е можно високи руски државни институции какви што се руската Дума и државната агенција ТАСС да го третираат како висок партиски претставник?
Руската државна новинска агенција ТАСС не е портал за „кликбејт“. Тоа е секако дел од рускиот систем за воена и политичка пропаганда, но истовремено е и строга државна структура каде што акредитациите и титулите на говорниците на официјални прес-конференции (особено кога претседава заменик-претседател на Думата) поминуваат низ неколку нивоа на безбедносна и политичка проверка. Титулата „Виш советник во Секторот за надворешна политика“ е премногу специфична за да биде измислена од некој преведувач во Москва. Таа кореспондира со внатрешната структура на Левица, што укажува на тоа дека Димов пристигнал таму со веќе подготвена биографија.
Зошто Левица не се чувствува „киднапирана“?
Највпечатливо во одговорот на Левица е она што недостасува. Ако едно приватно лице без „никаква функција“ го злоупотребува името на оваа парламентарна партија за да легитимира воена агресија во име на таа партија, очекувано би било партијата да најави правни мерки. Но Президиумот на Левица не го прави тоа.
- Левица не вели дека Димов лажно се претставува, а уште помалку дека ќе преземе правни дејствија, на пример, тужба за лажно претставување.
- Левица не најави дека ќе побара демант од ТАСС за „дезинформацијата“ дека тој е нивен „член на Секторот за надворешна политика“ или „виш советник“.
- Левица не го осудува чинот на „киднапирање“ на нивниот партиски бренд за потребите на Кремљ.
Овој недостиг на институционална реакција сугерира дека Левица е сосема „комотна“ со тоа што Димов ги врши нивните „надворешни работи“ во служба на официјална Москва.
Апсурдот на „непретставувањето“: Кога оној од кого се откажува Левица зборува со гласот на Апасиев
Краткиот одговор на Президиумот на ПП Левица до ЦИВИЛ завршува со зборовите: „Ниту пак Горан Димов ги претставува ставовите на партијата“.
Ова е веројатно најциничниот момент во преписката. Тврдењето дека Горан Димов „не ги претставува ставовите на партијата“ — додека тој во Москва, пред камерите на ТАСС, ги повторува истите тези што раководството на Левица со години ги пласира во Скопје — не е само чудно и контрадикторно. Тоа е директна навреда за интелигенцијата на јавноста.
Правен маневар или идеолошко предавство?
Кога Димов на Крим зборува за „храбрите луѓе кои се борат за слобода“, тој всушност го материјализира она што Левица со години го пласира преку својот Сектор за надворешна политика.
Ако Левица навистина се оградува од ставовите на Димов, тоа би значело дека партијата од корен ја сменила својата идеологија, преку ноќ, без никој да забележи. Но, многу поверојатно е дека негирањето во одговорот до ЦИВИЛ е само правен штит. Партијата ги ужива плодовите од усогласеноста со руската политика и добива промоција во руските медиуми, но внимателна е кога се работи за правните и политичките последици во Скопје. Ако оваа констатација е на ниво на веројатност, тогаш други аспекти на оваа сторија се повеќе од веројатност — тие се факт.
Имено, проблемот на Левица не е во тоа што Димов „не ги претставува“ нивните ставови. Напротив, проблемот е што тој ги претставува премногу прецизно, во време кога партијата се обидува да ја стави маската на „суверен“ политички ентитет во земја членка на НАТО каде што, да се надеваме, сè уште важат законите — барем оние што се однесуваат на безбедноста и одбраната.
Разликата помеѓу „нема функција“ (во Скопје) и „Виш советник“ (во Москва) не е грешка во преводот. Тоа е оперативен модел. Димов служи како мост помеѓу македонскиот политички простор и руските центри за влијание, овозможувајќи ѝ на Левица да фунцкионира како дел од руските операции, без да сноси правна и политичка одговорност дома. Со други зборови, Димов не е грешка или измама, туку функција во системот на Левица. Неговото негирање во Скопје е само дел од „корисничкиот интерфејс“, додека неговото дејствување во Москва е „бек-ендот“ на нивната политика.
„Експертот“ за окупации документиран и во 2025 година во окупирана Абхазија – со иста титула
Тврдењето на Левица дека „лицето Горан Димов нема никаква функција во Левица“ дефинитивно не се совпаѓа и со архивските документи од пред една година. Во официјалниот извештај на руската државна информативна мрежа КЧР информ од 1 март 2025 година, објавен за време на изборите во окупираната Абхазија, Димов е децидно наведен како: „член на секторот за надворешна политика на партијата Левица (Република Северна Македонија)“.


Овие архивски записи не се единствени. „Набљудувачот“ се појавува и во други руски државни медиуми и институции, вклучително и во т.н. Државна изборна комисија на Абхазија, каде зборува во суперлативи за изборниот процес (15 февруари 2025). Абхазија е суверена територија на Грузија која е под активна руска окупација уште од воената агресија во 2008 година.

Ова укажува на тоа дека партиската титула на Димов не е случајна грешка во преводот од пред неколку дена, туку е дел од неговата официјална акредитација кај руските служби веќе подолг период. Со ова се затвора кругот на одговорноста — или Левица свесно го испраќала својот кадар во окупирани зони со години, или свесно дозволила нивниот бренд да биде користен како параван за руските воени и пропагандни цели без никаква реакција.
Верното ехо на партиското раководство
Дури и да прифатиме — само за момент — дека „отпишаниот“ Димов не ја претставува партијата, тогаш тој е неверојатно талентиран за „читање мисли“ на партиското раководство. Реториката на протагонистот на оваа сторија, документирана од московските пропагандни канали на Крим, претставува верно ехо на долгогодишната декларирана политика на Левица — партија која во континуитет спроведува радикална анти-ЕУ и анти-НАТО агенда.
Да се тврди дека поддршката за руските воени цели не е став на Левица е залуден обид за бришење на минатото и сегашноста на партијата. Реалноста ја демантира Левица. Следи кратка селекција од добро документираната блискост на Левица со Кремљ, што е целосно спротивно на тврдењето дека Димов не ги претставува ставовите на партијата.
Парада на „победата“ (9 мај 2025)
Додека целиот демократски свет ја изолираше Русија поради бруталната агресија врз Украина, лидерот на партијата, Димитар Апасиев и членот на Президиумот, Александар Симонов, со гордост „парадираа“ на социјалните мрежи со своето присуство на Црвениот плоштад и демонстрираа недвосмислена припадност кон идеолошкиот круг на Кремљ. Тие беа во Москва на официјална покана од Генадиј Зјуганов, лидерот на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ).

Пред парадата, на 8 мај, Апасиев одржа говор во „Паркот на победата“ во Москва каде што зборуваше за „зачувување на историската вистина“ и спротивставување на „историскиот ревизионизам“ – истата матрица по која с раководи и Димов во изјавите за руските државни гласила со кои ги легитимира руските злосторства и окупација, нарекувајќи ги „борба за слобода“.
Собраниски скандал со амбасадорот Баздникин
Јавноста сè уште го памети чинот кога пратениците на Левица, во македонскиот законодавен дом, организираа прием за сега веќе поранешниот руски амбасадор Сергеј Баздникин. Тоа не беше само дипломатска средба, туку јасен сигнал на целосна поддршка на партијата за бруталната руска воена агресија против Украина, наспроти официјалниот евроатлантски курс на земјата.

Руската амбасада: Инкубатор на наративи и логистички центар
Редовните и срдечни средби на раководството на Левица со Руската амбасада одамна престанаа да бидат вообичаена дипломатска активност. Поранешниот амбасадор Сергеј Баздникин не беше само гостин, туку фигура под чие покровителство партијата ја градеше својата платформа. Додека Димитар Апасиев ја продава приказната за „суверена политика“ на домашната јавност, реалноста покажува дека таа „сувереност“ секогаш е во совршен такт со интересите на Кремљ.
Овие средби не се само за кафе и протокол. Хронологијата на настаните и совпаѓањето на пораките укажуваат на прецизно синхронизирање на наративите. Она што се договара во затворените простории на амбасадата во Скопје, подоцна ликови како Димов го „извезуваат“ како готов производ во окупираните Крим и Донбас.

Доказите презентирани во ова истражување не се изолирани инциденти. Овде е презентиран само еден дел од обемната архива што произлегува од долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ — како на оваа руска инсталација, така и на низа други во земјата, регионот и пошироко. Тоа што гледаме овде го наметнува неминовниот заклучок: Левица не е само сочувствител кон руската „кауза“, туку органски дел од инфраструктурата на руското влијание во земјата. Партијата функционира како дигитален и политички преносен ремен (transmission belt) за воената пропаганда на Кремљ, користејќи ги механизмите на македонската демократија за да ги легитимира руските автократски и освојувачки цели, да манипулира со јавното мислење и директно да ги опструира евроатлантските определби на државата и солидарноста со жртвата на руската целосна инвазија — Украина.
П.С. Овој случај е само повод ЦИВИЛ уште подлабоко да се осврне на механизмите за создавање и ширење на воената пропаганда на Кремљ — како што е повеќејазичната интернет-платформа „Правда“, дел од амбициозниот кремљовски проект „Портал Комбат“ (наскоро, многу повеќе за овој модел на ширење пропагандни наративи).
Овде, како и во поширокото и подолготрајно истражување што го спроведува ЦИВИЛ (ЦХТМ), се откриваат нови елементи на хибридно војување за кои европските и регионалните институции, како и вообичаените „вистиномери“, сè уште ја немаат потребната длабочина и острина да ги согледаат во целост.
ЦИВИЛ продолжува со истражувањето — како на овој случај, така и на текот на хибридните операции во регионот и Европа.
Зошто ЦИВИЛ не објавува директни линкови до руските извори?
Во рамките на нашата стратегија за спротивставување на хибридните закани, Редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА донесе одлука да не објавува директни линкови до руските државни медиуми и нивните сателитски портали (како мрежата „Правда“).
Нашата цел е:
Заштита на читателите: Да спречиме изложување на нашата публика на малигни алгоритми, дигитално следење и понатамошна манипулација.
Спречување на пропагандата: Да не придонесуваме кон вештачко зголемување на видливоста (SEO) на руските пропагандни канали.
Сите докази користени во ова истражување — видеа и написи — се преземени, верификувани и зачувани во форма на форензички архиви и скриншотови во безбедната база на податоци на ЦИВИЛ.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк





