И сепак, не е сè изгубено. Има нешто што парите сè уште не го купуваат лесно: вистинска почит, искрена доверба, достоинство што не се позајмува. Тоа преживува во неформалните односи, во пријателствата што не се засноваат на корист, во семејствата каде што вредноста не се мери во евра. Таму пазарот, барем засега, нема ценовник.
Бенита Белешкова
Вчера, меѓу нас неколкумина адвокати, додека чекавме да заврши паузата во судот, што е посебен правен институт со непредвидливо времетраење, се отвори едно прашање кое на прв поглед изгледа едноставно: што е тоа што парите не можат да го купат?
Вообичаено, ваквите прашања завршуваат со цинична насмевка и некој што ќе каже „па речиси ништо“. Но овојпат, разговорот тргна во непријатно сериозна насока. Некој, очигледно расположен за интелектуален ризик, забележа дека проблемот можеби не е во тоа што парите купуваат многу, туку што ние веќе не сме сигурни дали постои нешто што не треба да купуваат.
И тука почна да станува интересно.
Разликата, рече еден колега со опасно мирен тон, е едноставна: едно е да имаш пазарна економија, а сосема друго е да живееш во пазарно општество. Во првото, пазарот служи. Во второто — владее. И тоа не само со цените, туку и со вредностите.
Па, ајде да видиме како стојат работите кај нас.
Здравјето, на пример. Теоретски, тоа е право. Практично, тоа е нешто што се забрзува. Со врска. Со познанство. Со внимателно избран „подарок“ кој никој не го нарекува така, но сите знаат што е. Системот формално постои, но граѓанинот се однесува како да е опционален додаток. И тука не е проблемот што постои приватно лекување, туку што еднаквиот пристап станува мит, а митологијата не лекува.
Потоа доаѓа образованието. Во идеалниот свет, тоа создава знаење. Кај нас, понекогаш создава документи. Дипломата сè почесто функционира како симболичен сувенир од една академска екскурзија. И не е проблемот што се плаќа образование, проблемот е кога успехот престанува да има врска со заслугата. Кога сите имаат диплома, а ретко кој има причина да ја има.
Правдата, пак, е официјално слепа. Но, како и кај сите што се слепи, прашање е кому му верува кога не може сама да види. Перцепцијата, а понекогаш и искуството, е дека парите не ја купуваат правдата директно, туку ѝ го олеснуваат патот да не дојде навреме. Или воопшто. А кога довербата ќе исчезне, тогаш правдата станува теоретска дисциплина, а не институција.
Политиката е уште поинтересна. Гласот на хартија е еднаков. Во реалноста, често доаѓа со додатоци: работно место, услуга, ветување. Ништо експлицитно, се разбира. Само една тивка размена на очекувања. И така, граѓанството полека се претвора во трансакција – неформална, но ефективна.
Општествениот статус? Во учебниците, тој произлегува од труд, талент и придонес. Во пракса, често е комбинација од врски, позиција и способност да се биде на вистинското место кога се делат можностите. Иронијата е што дури и кога некој навистина заслужува, системот успева да го направи тоа да изгледа сомнително.
И сепак, не е сè изгубено. Има нешто што парите сè уште не го купуваат лесно: вистинска почит, искрена доверба, достоинство што не се позајмува. Тоа преживува во неформалните односи, во пријателствата што не се засноваат на корист, во семејствата каде што вредноста не се мери во евра. Таму пазарот, барем засега, нема ценовник.
Заклучокот од судската пауза беше неочекувано јасен: проблемот не е што парите постојат во јавниот живот. Проблемот е кога почнуваат да одлучуваат кој ќе добие здравје, кој правда, кој шанса – и кога тивко ја менуваат смислата на тие зборови.
Не сме стигнале до таму каде што сè се продава. Но доволно сме блиску за да почнеме да се прашуваме – „дали нешто сè уште вреди ако има цена“.
Од Фејсбук ѕидот на авторката




