Темата „Единство на братството“ многу често пародично ја дискутиравме меѓу нас студентите, замислувајќи си дека оваа парола веројатно би ги фасцинирала сите тие филозофи, затоа што звучи како нешто што прво го измислил идеалист, а потоа го презел државен комитет за пропаганда. Тоа е типично балканска идеја: луѓето истовремено да се сакаат, да се мразат, да се клеветат и кодошат, а утредента без срам да си одат на свадби.
Бенита Белешкова
Можно е некој писател или професор да ми забележи дека подолу наведениот текст има интелектуални опасности, односно дека текстот е толку богат со идеи што понекогаш им личи наквази интелектуален џез составен од филозофија, политика, преку супермаркети, до сарми. Некој поконзервативен професор можеби би ми рекол:„Премногу хумор за сериозна тема.“
Но искрено? Во овој случај тоа функционира кај мене, оти хуморот тука не ми служи за потсмев кон трагедијата, туку за преживување на трагедијата и затоа што токму хаотичноста е дел од темата. Балканот и транзицијата ако си ги преживеал не можеш да ги раскажуваш стерилно.
Кога јас студирав на Правниот факултет од 1995 до 1999 година, од оваа перспектива на стекнато знаење и искуство, Македонија сликовито би ја опишала како човек што штотуку се развел, останал без работа и упорно им објаснува на соседите дека „сè е под контрола“. Дипломирав на 24 февруари 1999 година, што значи дека официјално станав правник токму во време кога никој на Балканот веќе не веруваше ни во право, ни во правда, ни во логика, освен можеби мајките што се уште мислеа дека нивното дете „ќе се среди“.
Еден од најстрашните предмети, барем за мене и за повеќето колеги што ги знаев, беше Филозофија на право кај професорката Добринка Тасковска. Тоа не беше предмет. Тоа беше психолошка проверка дали човек може да преживее читајќи Платон, Иммануел Кант и Фридрих Ниче од фотокопирани скрипти со избледени букви, додека надвор државата се обидуваше да сфати дали и како влегла во демократија, како да излезе од хаотичната транзиција или како да се излечи од колективниот нервен слом.
Ние студентите разменувавме скрипти како илегална литература. Тука постоеше вистинско единство на нашето братство!
Некој ќе дојдеше возбудено и ќе шепнеше: „Имам добар Кант.“ Тоа звучеше како да продава шверцувана „Милка“, а не германска етика. Искрено, мислам дека никој на дваесет години не треба да го чита Серен Кјеркегор додека живее на Балканот. Човек и без тоа има доволно анксиозност.
Токму Серен Кјеркегор ја вртел филозофијата наназад од сите големи системи, држави и општествени конструкции, и ја враќал кај она што најмногу ги нервирало комунистите: поединецот. Не општеството како апстракција, не државата како институција, туку човекот сам со себе, во сопствените доблести, таленти и внатрешна расправија што никогаш не завршува и никогаш не добива административен записник туку ремек дело!Кај него, вистината не е нешто што се учи и се повторува како скрипта за испит. Вистината е нешто што се живее! Што значи дека можеш да знаеш сè за животот, а сепак да го промашиш својот. Или, во балканска верзија: можеш да имаш став за сè, а да немаш мир за ништо!
И уште поважно, Кјеркегор велеше во тие скрипти дека анксиозноста не е дефект на човекот, туку дел од самото постоење. Тој ја нарекувал токму таа позната анксиозност „вртоглавица на слободата“ , како моментот кога човек ќе сфател дека навистина може да избере. И токму тогаш почнувал проблемот. Затоа што слободата не е романтична идеја, туку состојба во која одеднаш стануваш одговорен за сопствениот живот, без можност да ја обвиниш историјата, системот или комшијата.
Јас од овој филозоф научив дека човекот не страда затоа што нема избор, туку затоа што има премногу избори, а премалку храброст да живее со последиците од нив.
Темата „Единство на братството“ многу често пародично ја дискутиравме меѓу нас студентите, замислувајќи си дека оваа парола веројатно би ги фасцинирала сите тие филозофи, затоа што звучи како нешто што прво го измислил идеалист, а потоа го презел државен комитет за пропаганда. Тоа е типично балканска идеја: луѓето истовремено да се сакаат, да се мразат, да се клеветат и кодошат, а утредента без срам да си одат на свадби.
Во поранешна Југославија, паролата „Братство и единство“ звучеше прекрасно. Речиси библиски. Како сите народи заедно да ќе седнат под маслиново дрво и ќе дискутираат за мирот. Во реалноста, тоа повеќе личеше на семејна фотографија пред свадба: сите насмеани, а само бабата знае дека двајца чичковци не зборуваат уште од 1974 година поради меѓа и трактор.
Нѐ учеа дека сите сме еднакви! Тоа беше многу убав концепт, особено затоа што на Балканот еднаквоста трае точно додека не треба да се поделат станови, функции или субвенции непосредно пред политички митинг. Тогаш братството исчезнуваше побрзо од келнер кога ќе дојде сметката.
И можеби затоа вистинската парола требало да биде „Единство на братството“. Затоа што братството никогаш не било проблем. Балканците отсекогаш биле како браќа, односно да прецизирам: навредливи, емотивни, љубоморни и подготвени да се скараат околу настан што се случил пред пет века, како лично вчера да биле таму.
За полесно да ја преживееме филозофијата, ние студентите ги претворавме филозофите во балкански ликови.
Томас Хобс, на пример, сигурно би бил воодушевен од Балканот. За него човекот е волк на човекот. На латински:Homo homini lupus est!. Но интересно е што самата фраза е постара од Хобс, не е негова… потекнува од римскиот драмски писател Плавт. Хобс ја направил филозофски славна преку својата визија за човечката природа и општеството.Во неговото дело Левијатан, Хобс тврдел дека без закони, држава и општествен поредок, луѓето би живееле во состојба на страв и постојан конфликт,поточно во „војна на сите против сите“. Го замислувавме дека му е доволна една недела престој по скопската администрација за да рече: „Извинете, волците се далеку поорганизирани од Вас.“
Жан-Жак Русо би верувал дека човекот е природно добар, сè додека не влезе во расправија меѓу двајца таксисти околу политика. После тоа и самиот би почнал да носи оружје.
Иммануел Кант велел дека човекот треба да се третира како цел, а не како средство. Тоа е многу благородно. Но на Балканот луѓето најчесто се третираат како гласачко тело, вујна во администрација или контакт за побрзо вадење документи.
Карл Маркс би тврдел дека економската нееднаквост ги создава конфликтите. Балканот, се разбира, успеа да покаже дека може истовремено да се кара и за етнички, и за историски, и за економски, и за фудбалски причини. Тоа е мултитаскинг на омразата.
Иронијата е што токму во тие мали, хаотични и несовршени моменти постои повеќе вистинско братство отколку во сите свечени пароли што некогаш ги измислиле државите.
Во 1998 година во Македонија формално имаше „сè“, исто како што човек формално има „стабилен живот“ додека дома му капе од таван. Но реалноста на транзицијата беше поинаква: пазарите беа полупразни, платите доцнеа, а луѓето живееја со чувство дека економијата е експеримент што никој не знае да го објасни.
Немаше многу работи што денес ги сметаме за нормални. Немаше стабилни плати. На ова некој би рекол: „Па и денес е така.“ Епа, така е. Луѓето често земаа плата со месеци задоцнување, а некои претпријатија исплаќаа дел во производи. Балкански капитализам е да добиваш зејтин и брашно наместо бонус.
Немаше ни вистински супермаркети како денес. Имаше мали продавници со нервозни продавачки и полупразни рафтови што изгледаа како минималистичка уметничка инсталација.
Ако некој донесеше „Милка“, „Нутела“ или шампон од Грција, тоа се доживуваше како дипломатска мисија од Западот.
Немаше ниту интернет во денешна смисла. Ако некој имаше dial-up интернет, звучеше како научна фантастика. Модемот произведуваше звуци како да комуницира со вонземјани.
Мобилен телефон во 1998 имаа или бизнисмени, или мафијаши, или луѓе што продаваа половни автомобили во Ѓорче.
Посебна филозофска гранка беше чувството на сигурност. Тоа беше време на приватизации, затворени фабрики и колективна збунетост. Луѓето сè уште психолошки живееја во Југославија, а економски веќе беа фрлени во див капитализам.
Немаше доверба во институциите. Па и денес нема, некој ќе каже. На шалтерите владееше филозофијата: „Дојдете утре.“ Тоа „утре“ беше еден вид метафизичка категорија. Не значеше ден. Значеше судбина.
Немаше многу книги по книжарниците, а студентите масовно учеа од фотокопирани скрипти. Цела генерација правници, филозофи и економисти буквално беше образувана од бледи фотокопии што мирисаа на тонер и на подгорена пластика.
Но најмногу од сè, немаше јасна претстава за иднината. Македонија во 1998 беше млада држава што се однесуваше како студент кој штотуку се отселил од дома: гордо зборува за независност, а тајно се плаши дали ќе има пари за струја.
И токму затоа луѓето од таа генерација денес имаат чудна мешавина од цинизам и носталгија. Затоа што немаше многу работи, но имаше чувство дека сите заедно преживуваат нешто. А на Балканот, заедничкото преживување често е најблиску до единство на братството што луѓето успеале да го измислат.
На крајот, можеби сите тие филозофи би се согласиле во едно: братството не е природна состојба, туку постојана морална вежба. А единството не се создава со пароли, туку со способноста човекот да го препознае сопствениот страв, болка и достоинство во другиот човек, па дури и кога тој другиот зборува друг јазик, гласа за друга партија или навива за погрешен фудбалски клуб.




