Историјата покажува дека граѓаните можат долго време да простуваат грешки, но многу потешко простуваат систематско потценување на нивната интелигенција. Политичката доверба не се губи преку една голема лага. Таа се троши преку безброј мали и големи невистини кои постепено ја разградуваат вербата дека власта говори искрено.
Жанета Ќосе
Постои една стара мисла на германскиот филозоф Хана Арент дека лагата во политиката не е само средство за измама, туку и механизам за создавање паралелна реалност во која власта се обидува да ги замени фактите со наративи. Но, секоја политичка лага има свој рок на траење. Како што во физиката ентропијата означува постепено распаѓање на редот во хаос, така и во политиката акумулацијата на невистини неизбежно доведува до распаѓање на довербата. А довербата е најважниот капитал што една власт може да го поседува.
Во македонската политичка реалност денес се поочигледно се наметнува прашањето дали Владата предводена од Христијан Мицкоски управува со државата преку реални резултати или преку внимателно конструирани политички наративи. Последните случувања околу Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија отворија сериозни дилеми за искреноста на власта кон граѓаните.
Фактите се јасни. Европската Унија одобри 65,7 милиони евра за Северна Македонија за конкретни области, образование и дигитализација. Истовремено, за периодот јуни 2025 – декември 2025 година државата требаше да повлече 134,87 милиони евра врз основа на исполнувањето на реформските обврски. Дополнително, остануваат неповлечени уште околу 65 милиони евра од претходниот период поради нереализирани реформи. Тоа значи дека повеќе од 200 милиони евра остануваат недостапни поради неисполнети обврски.
Сепак, наместо признавање на проблемот и преземање политичка одговорност, јавноста беше сведок на обид овие средства да се претстават како доказ за целосен реформски успех. Но средствата од 65,7 милиони евра не претставуваат потврда дека е исполнета Реформската агенда. Тие се само дел од поширокиот План за раст и се наменети за конкретни сектори. Во истиот пакет Албанија доби 49 милиони евра за подобрување на деловната средина и иновации, а Црна Гора 44,2 милиони евра за слични цели. Споредбата затоа не говори за успешност на реформите, туку за распределба на средства по однапред утврдени програми.
Реалноста е уште понепријатна за владината реторика. Црна Гора е на чекор до финализирање на пристапните процеси кон Европската Унија. Албанија забрзано ги исполнува обврските и напредува кон следните фази од интеграцијата. Македонија, пак, останува заглавена во место. Наместо динамика на реформи, сведочиме на динамика на оправдувања.
Во комуникологијата е добро познат феноменот на „менаџирање на перцепцијата“. Кога резултатите недостигаат, политичките актери се обидуваат да управуваат со впечатокот за реалноста. Но токму тука започнува ентропијата на политичката комуникација. Колку повеќе се зголемува јазот меѓу зборовите и фактите, толку побрзо се распаѓа кредибилитетот.
Последниот пример е ветувањето дека сите точки од Реформската агенда ќе бидат завршени до први јуни. Денес тој рок е поминат, а бројни обврски остануваат нереализирани. Дополнително загрижува фактот што дел од клучните закони веќе ги пробија предвидените рокови или добија нови одложувања.
Меѓу законите кои требаше да бидат донесени до јуни 2026 година, а се уште не се реализирани, се Законот за обновливи извори на енергија, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за плати на јавните обвинители, Законот за платите на судиите, Законот за судска служба, Законот за судски буџет, Изборниот законик, измените на Законот за електронско управување и електронски услуги, Законот за сметководство, Царинскиот закон, измените во образованието и измените на Законот за животна средина. Покрај нив, до крајот на 2026 година треба да се донесат и Законот за парничната постапка, измените на Законот за кривичната постапка, Законот за дигитални услуги, како и дополнителните измени на Законот за електронско управување и електронски услуги. Прашањето што природно се наметнува е дали власта навистина има капацитет и политичка волја да ги реализира овие обврски или веќе се подготвува терен за нови оправдувања. Колку повеќе се одложуваат реформите, толку повеќе се создава впечаток дека причината не е недостигот на време, туку недостиг на храброст за носење сложени политички одлуки.
Токму тука доаѓаме до суштинскиот проблем. Во изминатите години Мицкоски изгради политички капитал врз ветувања кои денес тешко можат да се усогласат со реалноста. Ветуваше враќање на името и укинување на Преспанскиот договор. Денес тој договор веќе не е претставуван како национална катастрофа, туку како дипломатска реалност со која државата живее. Ветуваше поинаков однос кон НАТО, а денес највисоките функционери на неговата влада го афирмираат членството како значајна стратешка придобивка. Ветуваше подобри преговарачки услови со Европската Унија, а Македонија останува заглавена на истото место. Ветуваше повеќе странски инвестиции и подобар животен стандард, додека економските показатели и секојдневното искуство на граѓаните отвораат сериозни сомнежи околу исполнувањето на тие ветувања.
Во филозофијата лагата најчесто не се толкува како недостаток на вистина, туку како одбивање да се преземе одговорност за вистината. Затоа најголемиот проблем не е една поединечна невистина. Проблемот е кога лагата станува доминантен модел на политичко дејствување. Тогаш политичарот престанува да биде лидер што ги решава проблемите и станува менаџер на изговори.
Во тој контекст, особено симптоматично е постојаното барање нови причини за одложување на европските обврски. Се повеќе се создава впечаток дека истата логика што се користи за одложување на реформските закони се користи и за прашањето на уставните измени и внесувањето на бугарската заедница, како и другите заедници што се предвидени во процесот, меѓу кои и хрватската, египќанската и други. Наместо јасна стратегија, јавноста гледа континуирано поместување на роковите и префрлање на одговорноста.
Историјата покажува дека граѓаните можат долго време да простуваат грешки, но многу потешко простуваат систематско потценување на нивната интелигенција. Политичката доверба не се губи преку една голема лага. Таа се троши преку безброј мали и големи невистини кои постепено ја разградуваат вербата дека власта говори искрено.
Затоа денешната дилема не е дали Македонија има капацитет да ги исполни реформите. Прашањето е дали власта има храброст да ја соопшти вистината кога резултатите изостануваат. Бидејќи секоја политичка лага може привремено да ја одложи одговорноста, но не може трајно да ја замени реалноста. А кога реалноста конечно ќе пристигне, ентропијата на довербата веќе е почната и нејзините последици стануваат неизбежни.
Во политиката, како и во физиката, ентропијата е немилосрдна: кога етиката, одговорноста и вистината се жртвуваат за дневнополитички манипулации, системот постепено ја губи својата кохезија. А држава што сака да стане дел од Европската Унија не може да напредува врз ентропија на лаги, туку само врз редот на реформите, културата на одговорност и етиката на вистината. На крајот, европската иднина не се губи во Брисел, туку дома, во моментот кога политичката елита ќе поверува дека лагата може да биде замена за реформата. Тогаш ентропијата престанува да биде метафора и станува состојба на државата




