Тетово не е кој било град. Тој повеќе од две децении се претставува како пример за функционирањето на мултиетничкиот модел во Македонија. Ако тој модел навистина носи поголема доверба, повеќе слобода и подобар заеднички живот, тогаш зошто решението е луѓето да се разделат наместо да можат заедно да го користат јавниот простор?
Кирил Паковски
Една издрпана фотелја фрлена во коритото на реката Пена е сликата за Тетово. Ако седнете на фотелјата и почнете да веслате спротивно од текот на реката, ќе поминете покрај Шарената џамија, приватен универзитет и редици недовршени куќи со голи цигли сè до Попова Шапка. На убав сончев ден по падините јасно се гледа лавината од дивоградби што го голта ски-центарот.
Овој пејзаж е ретроградниот успех на мултиетничкиот модел на државата. Но пејзажот никогаш не бил важен. На разгледницата што ја испраќаме кон Европа нема реки, планини и градови. Има бројки, партии, распределба на ресори, вработувања и проценти. Низ тие категории со години се чита нашиот напредок.
Настрана сите метафори, останува едно едноставно прашање: што очекуваш да се случи со фотелјата што си ја фрлил во реката? Ова не е прашање на етничка припадност, степен на образование или интелект. Што очекуваш да се случи со фотелјата?
Тетово, според речиси сите параметри што го одредуваат квалитетот на животот, е меѓу најлошите места за живеење во Европа. Пред само две години излезе од зима во која беше еден од најзагадените градови на континентот. Неколку недели подоцна пролетта ја дочека со искасапени дрвореди во должина на главниот булевар што води кон плоштадот. Новоизградениот кружен тек кај Дреновец денес служи како паркинг. Најсвежиот пример е новоотворениот базен, каде што два дена во неделата е воведена полова сегрегација.
По сè што гледаме, ова не е фотографија од Тетово. Ова е неговата проекција за иднината. Но Пена се влива во Вардар. Вардар минува низ Скопје и низ срцето на Македонија. Тетово не функционира во изолација.
Одлуката на градоначалникот на Тетово да воведе полова сегрегација во новоотворениот базен предизвика лавина реакции. Следуваа колумни, анализи и јавни осуди во кои одлуката беше опишана како назадна. За неа реагираше и Уставниот суд. Дојдовме до точка во која правилата за користење еден градски базен станаа предмет на уставно преиспитување. Ги отворив коментарите под вестите. Најголемиот дел од расправата не беше дали одлуката е добра или лоша, туку зошто некој воопшто има проблем со неа.
Коментарот што постојано се повторуваше беше дека жените и девојките вака би биле побезбедни. Побезбедни од кого?
Тетово не е кој било град. Тој повеќе од две децении се претставува како пример за функционирањето на мултиетничкиот модел во Македонија. Ако тој модел навистина носи поголема доверба, повеќе слобода и подобар заеднички живот, тогаш зошто решението е луѓето да се разделат наместо да можат заедно да го користат јавниот простор?
Еден од најдобрите осврти на оваа одлука го напиша Горан Михајловски:
„Во 1948 година властите испланирале зеленило, паркови и базени. Во 2026 година испланирале да ги одвојат мажите од жените во базен.
Во 1948 оделе по селата да ги образуваат жените. Во 2026 година во Тетово локалната власт одредила дека во среда и сабота на базен ќе се капат само жени. Така било решено „на барање на граѓаните, односно граѓанките на Тетово“.
„На каква цивилизациска регресија сведочиме со оваа сегрегација!“
Сведочиме на цивилизациска регресија во која општеството го отфрли антифашистичкото наследство. Ги отфрли секуларноста, еднаквоста, еманципацијата и односот кон културата. Кога се слави победата над фашизмот како кулминација на борбата во која сме биле на вистинската страна од историјата, тоа го прави држава на која денес тие вредности ѝ се туѓи. Денес таа држава се сопнува на прашањето кој и кога смее да користи базен во град кој со децении немаше градски базен.
Антифашистичките вредности се заменети со сиров национализам што гордо се вее по бандерите, а молчи пред реките полни со отпад, загадениот воздух, дивоградбите и распаднатиот јавен простор. Национализам што денес се повикува на идеи, движења и личности кои биле соработници на окупаторите или директно ја спроведувале окупацијата. Можеби токму затоа, зад завесата на политичката драма, толку лесно се создаваат коалиции. Затоа и во коментарите овие наводно завојувани народи толку лесно се согласуваат околу вакви теми.
Во македонскиот јазик фотелјата е синоним за политичката алчност. Таа фотелја заглавена во Пена е најточниот кандидат за нов државен грб. Но ниту една фотелја не завршува сама таму. Некој ја понел, многумина помогнале да стигне дотаму, а некој повторно ќе седне во неа.
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк




