Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се оградува од именувањето на разузнавачот Киро Тодоровски за претставник на Агенцијата за разузнавање во Виена, иако постои актуелна потврда дека тој е правосилно осуден за изборни нерегуларности во случајот „Титаник“.
Во одговор за „Слободен печат“, од Кабинетот на претседателката објаснуваат дека Агенцијата за разузнавање е посебен орган на државната управа, дека одлуката за избор ја потпишува директорката на Агенцијата, Габриела Јаковлева, а министерот за надворешни работи носи решение за упатување.
Имено, согласно член 1 став (2) од Законот за Агенцијата за разузнавање, „Агенцијата претставува посебен орган на државната управа“, а согласно член 5 од истиот закон, „директорот самостојно ги врши работите и ги остварува надлежностите на Агенцијата“. Оттука, кадровските, организациските и оперативните одлуки се донесуваат исклучиво во рамките на законски утврдените овластувања на овој самостоен орган. Впрочем, директорот/директорката, а не претседателот/претседателката на државата ја потпишува одлуката за избор на претставник на АР во ДКП, врз чија основа министерот за надворешни работи носи решение за упатување, по што тој/таа потпишува акредитивно писмо, коешто претставникот го предава во надлежната служба на земјата-домаќин, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателката.
Случајот со именувањето на Тодоровски го откри „Слободен печат“, откако „свиркач“ достави пријави до Државната комисија за спречување на корупцијата, во кои се оспорува враќањето на Тодоровски на работа во Агенцијата за разузнавање, добивањето сертификат за „државна тајна“, а потоа и неговото испраќање во Виена, и тоа со уверение од Кривичниот суд во кое стои дека е осуден на условна казна во случајот „Титаник“.
Извор: Слободен печат.мк / Фросина Факова Серафиновиќ




