„Ако се согласиме дека репер за одржување фер и демократски избори не е единствено прашањето дали имало пукање, уривање и човечки жртви, туку и на кој начин се спроведуваат сите останати законски предуслови, особено оние кои се однесуваат на финансирањето на изборните кампањи, еднаквиот пристап до медиумите, незлоупотребувањето на службената положба, пречистениот избирачки список итн, ќе заклучиме дека денес во РМ нема услови за одржување на фер и демократски избори“ се вели во февруарскиот извештај на Транспарентност Македонија.
Како што стои во извештајот на Транспарентност масивната корупција на избирачите се случува веќе како по правило. Вонредните исплати, исплатите на државни обврски кои со месеци и години не се реализираат – а потоа во предизборниот период масовно се исплаќаат, но и законските измени кои под разни основи, па дури и антикризни мерки, овозможуваат бенефит за граѓаните и фирмите, дури и по цена на наградување на оние кои го прекршиле законот, значи дека претходно воспоставената практика, која не беше санкционирана од ниедна релевантна институција, сега продолжува со несмалено темпо.
Тоа всушност го покажува фактот дека ниедна институција која има мандат да се грижи за обезбедување фер и демократски избори, не го спречува флагрантното прекршување на Изборниот законик, со што постоењето на тие институции станува бесмислено.
Од Транспарентност Македонија нотираат дека не запира трошењето на парите на граѓаните за непродуктивни цели. Загрижува фактот што во ваквото неодговорно однесување предничи токму Владата на РМ, која според законските надлежности е најодговорна за наменско, законско и транспарентно трошење на овие средства.
Така, како продолжение на низата бесмислени кампањи кои досега не дадоа никаков ефект, Владата ќе потроши скоро 30 милиони денари (или скоро половина милион евра) за снимање рекламни спотови со кои ќе се промовирале „семејните вредности“. Со ваквиот начин на однесување кон јавните пари, Владата не покажува ниту минимален сенс за финансиската состојба во која се наоѓа земјата, за потребата од штедење по примерот на други држави, ниту за одговорност и отчетност пред граѓаните.