Пишуваат: Сашка Цветковска и Горан Ризаов
„Целта ги оправдува средствата“ вели максимата изведена од книгата „Владетелот“ на Николо Макијавели објавена уште во 1532 година и таа најдобро ги опишува во една реченица случувањата во аферата Македонски Телеком. Особено кога средствата се буквално пари, а целта е уште повеќе средства, односно пари.
Наводната коруптивна шема, за која деновиве во јавноста се појавија огромен број детали, се одвива во време на парламентарни избори и промена на власта во земјата. Социјалдемократите ги губат изборите во 2006 година, а на нивно место доаѓаат ВМРО-ДПМНЕ и преродбата.
Документите до кои дојде НОВА, покажуваат дека ваквиот тек на настаните довел до тоа лобирањето на Маѓар Телеком, како сопственик на Македонски телекомуникации и главен играч на пазарот, освен кон власта да се насочи и кон тогашната опозиција.
Покрај сомнителните договори на Македонски телекомуникации, холдинг компанијата „Каменимост комуникации“ и нивниот сопственик Маѓар телеком, со кои се осигурала доминантната позиција на пазарот, постојат уште најмалку два договори со компании блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Овие два договори се потпишани во втората половина на мај 2006 година, еден месец пред македонските граѓани да гласаат за промена на власта. Станува збор за договорите меѓу Македонски телекомуникации и компанијата „Аналитико АИ“, потпишан на 17 мај 2006 година и меѓу Македонски телекомуникации и „Радио рос“, потпишан на 26 мај 2006 година.
Четириесетина дена подоцна, на 5 јуни 2006 година ВМРО-ДПМНЕ победува на изборите, а мандатот да формира влада за прв пат го добива Никола Груевски. Груевски, инаку, е човекот кој во јануари 2001 година, како министер за финансии ја потпишува продажбата на Македонски телекомуникации на Маѓар телеком. За Унгарците договорот за купопродажба го потпиша Елек Штрауб, сега обвинет за корупција пред судот во САД.
Сомнителните договори за маркетинг и консултантски услуги ги поттикнуваат ревизорите на Маѓар Телеком, „Прајсвотехаус куперс“ уште во 2006 година да го кренат црвеното знаменце. Потоа е покрената долгогодишна истрага која ја спроведува американската адвокатска компанија „Вајт & Кејс“. Во рамките на оваа истрага се испрашани десетици сведоци кои, меѓу другото, одговарале на прашања поврзани со „Аналитико АИ“ и „Радио рос“.
НОВА дојде до сведочењата на вработените во Македонски телекомуникации кои тогаш биле на клучните одлучувачки места во компанијата. Извршниот директор на одделот за регулатива Дејан Силјановски на два пати бил во Будимпешта да одговара на прашањата на „Вајт & Кејс“ – на 16 октомври и на 29 ноември 2007 година.
На прашањата на ревизорите Силјановски главно одговара дека не се сеќава или дека не е сигурен дека нешто се случило. Но, прашан за „Аналитико АИ“ тој вели дека му била позната компанијата како фирма за маркетинг и истражување со која Македонски телеком склучил „договор за индиректни услуги“.
Кога му ги предочиле првата и осмата страница од договорот со „Аналитико“, тој рекол дека го препознал името на Оливер Шамбевски, претставник на компанијата, кој го потпишал договорот. Шамбевски во моментов е македонски амбасадор во Италија, поранешен амбасадор во Кина, а претходно пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од страна на Македонски телекомуникации, според „Вајт & Кејс“, договорот го потпишале генералниот директор Атила Сендреи и финансискиот директор Ролф Плат. Договорот бил потпишан за „рекламни и маркетинг активности“, а членот 5 предвидувал на „Аналитико АИ“авансно да му се исплатат 7.380.000 денари плус ДДВ или вкупно 142.000 евра.
Силјановски во двете сведочења посочува дека договорот со „Аналитико“ бил направен по барање на Зоран Трајчевски, тогашен претседател на комисијата за телекомуникации на ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и претседател на Собранието на акционери на Македонски телекомуникации.
Зоран Трајчевски во моментов е на функција претседател на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а претходно беше и директор на Агенцијата за електронски комуникации.
Силјановски во сведочењето додава оти Трајчевски се жалел дека „Унгарците и Германците не ги почитувале доволно“ партиите во опозицијата, вклучувајќи ја и неговата партија.
Силјановски потоа вели оти не знае дали за потпишувањето на овој договор биле ветени дирекни придобивки за Македонски телекомуникации за возврат. Тој го известил генералниот директор Атила Сендреи дека Трајчевски сакал да се склучи договор со „Аналитико“. Сендреи го поддржал потпишувањето на договорот и побарал од него да ја подготви првичната верзија.
Но, материјалите кои ги прибрале ревизорите од „Вајт & Кејс“ покажуваат дека не одело сè така глатко во МакТел за време на потпишувањето на договорот. Дел од вработените барале анализа на финансиските ефекти од ваквата спогодба и предупредувале на политичката поврзаност на компанијата.
Во имејл порака од 6 мај 2006 година од Марија Манолчева до Дејан Силјановски во врска со договорот со „Аналитико“ се вели дека тој е различен од стандардните договори во рамки на одобрениот систем за индиректна продажба.
„Оваа верзија го вклучува членот 5 ’Маркетинг активности’ во кој стои дека МакТел ќе му плати на Агентот 7.380.000 денари плус ДДВ за маркетинг активности по потпишувањето на договорот. (Во буџетот за маркетинг кампањи за 2006 година не постои таква ставка)“, пишува во имејл пораката.
На Силјановски му бил предочен уште еден имејл од 23 мај 2006 година во врска со потпишаниот договор со „Аналитико“. Во него Манолчева бара од Силјановски да „ги испрати анализите од финансиските ефекти/придобивки од договорот“. Тој одговорил дека не се сеќава на ваквата порака.
Постоела уште една имејл преписка меѓу овие двајца која се одвивала од 19 до 23 мај 2006 година. Во последната порака од Манолчева до Силјановски се вели: „Имејлот кој ти го пратив во врска со финансиските ефекти беше побаран од страна на Томас (Куње, директор на маркетинг и продажба) … ти сигурно ќе знаеш како да му објасниш нему“.
Силјановски не се сеќавал дека го добил овој имејл и дали разговарал со маркетинг директорот Куње во врска со договорот со „Аналитико“. Силјановски не се сеќавал дека воопшто доставил некакви информации во врска со договорот со „Аналитико“ до одделот за продажба и маркетинг.
На почетокот на 2010 година, Социјалдемократите на прес-конференција ќе објават копија од документ од Агенцијата за вработување со список на вработени во „Аналитико АИ“.
На листата, покрај Оливер Шамбевски се наоѓаат и Александар Бичиклиски, поранешен портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протуѓер, шеф на кабинетот на премиерот Груевски, Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура, Гордана Јанкулоска, екс-министерка за внатрешни работи и Миле Јанакиески, ексминистер за транспорт и врски. Како основач на компанијата се јавува Ален Зекиров, поранешен телохранител на екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
Исплатата на над 100.000 евра за „Аналитико“ и претставници на ВМРО-ДПМНЕ во своето сведочење ја потврдува и екс-разузнавачот Слободан Богоески, кој наводно за тоа дознал од Беким Земоски. Земоски, пак, во тоа време е асистент на Тео Вајгел, економски советник на тогашниот премиер Владо Бучковски.
Според тврдењата на СДСМ, компанијата „Аналитико АИ“ е ликвидирана и избришана од единствениот трговски регистар на 15 декември 2007 година, неколку седмици по сведочењето на Силјановски.
Неодамна премиерот Никола Груевски на пратеничко прашање во врска со овие наводи одговори дека ниту имал врска со „Аналитико“, ниту знаел што се случувало.„Работевме во правец што побрзо да има либерализација, а вашата партија тоа го спречуваше“, им одговори Груевски на Социлајдемократите.
Вториот сомнителен договор поврзуван во сведочењата со претставници на ВМРО-ДПМНЕ е договорот со „Радио Рос“. Според сведочењето на Силјановски и на директорот на маркетинг одделот Томас Куње, овој договор го туркал Кирил Трендафилов, вработен во Македонски телекомуникации како „генерален директор за клучни прашања“.
Договорот со „Радио рос“ е потпишан на износ од 4.920.000 денари плус ДДВ, односно вкупно 92.000 евра, а требало да обезбеди реклами на радио.
Силјановски знаел дека Трендафилов е поврзан со истата политичка партија чиј член бил Трајчевски (ВМРО-ДПМНЕ) делумно и поради тоа што тој се кандидирал за градоначалник на Охрид на локалните избори во 2004 година. Член 6 од договорот предвидувал плаќањата да се направат по потпишувањето, односно пред да се добијат услугите.
Томас Куње, директор за маркетинг и продажба во своето сведочење пред „Вајт & Кејс“ на 20 јули 2007 година рекол оти тој никогаш не ги видел договорите со „Аналитико“ и „Радио рос“ иако биле поврзани со неговиот оддел.
Прашања за договорите со овие две компании му се поставени и на тогашниот генерален директор на Македонски телекомуникации, Атила Сендреи. Тој во своето сведочење на 08 октомври 2010 година вели дека не е запознаен со овие договори иако неговиот потпис стои на нив.
Во 2008 година македонското обвинителство поднесува кривична пријава против Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишиус од Македонски телекомуникации. Обвинет беше и член на Одборот на директори на „Каменимост комуникации“ и претставник на кипарската „Чаптекс“, Михаил Кефалојанис, но тој е мистериозно изземен од обвиненето.
Македонските органи на прогонот никогаш не ја довршија истрагата за корупцијата во Телекомот и никогаш не обвинија ниту еден македонски државјанин. По објавувањето на сведочењето на Богоески и зголемениот интерес на медиумите, јавното обвинителство покрена уште една истрага за „Маѓар Телеком“, која ја води обвинителката Лиле Стефанова.
Претходно, за време на објавувањето на скандалот со прислушуваните разговори или познатите политички „бомби“ на Зоран Заев, мнозинскиот сопственик на „Маѓар Телеком“, германскиот гигант „Дојче Телеком“ најави уште една надворешна истрага. Интересот е насочен кон улогата на операторот во масовното прислушување на над 20.000 граѓани на Македонија.