Цивил- Центар за слобода, на неколку дена пред денот на гласањето за Локалните избори, ги соопшти досегашните сознанија за нерегуларности евидентирани на територијата на целата држава , кои говорат за огромен број прекршувања на правилата и законите, така што веќе сега може да се каже дека овие избори не се ниту фер и демократски, а ниту слободни и ненасилни.
Стотици, а сигурно и над илјада, се досегашните прекршувања на правилата за фер и демократски избори но и на Изборниот и другите закони кои треба да гарантираат регуларност на овие Локални избори 2013.
Ова е генералната оценка на Цивил – Центар за слобода, искажана на денешната прес-конференција, на пет дена пред денот на гласањето на 24 март, на која беа сумирани досегашните резултати од активностите во рамките на проектот Слободни и ненасилни избори 2013.
Информациите од соработниците ангажирани во рамките на овој проект, кои ја покриваат територијата на целата држава, како и од мобилниот тим на Цивил кој посети голем број општини и населени места, говорат за голем број нерегуларности и незаконитости, така што уште сега може да се каже дека и овој изборен процес не може да биде оценет како фер и демократски, соопштува Цивил.