Време е за идеи, го повика Груевски својот народ, силно верувајќи дека спасот доаѓа оттаму, од животинската фарма која тој ја создал, каде сите животни се еднакви, иако, секако дека некои се повеќе еднакви од другите. Но, сега Груевски очајнички се држи не до народот, туку до реториката дека народот е тој кој го води низ неговото лидерство, идеите на народот се првата и последна мисла на Груевски, при станување и легнување.
Што правиме со она измеѓу, онаа цртка измеѓу раѓањето и смртта, која надвиснала како закана над надгробните споменици или бетонската плоча, да го цитирам Миленко Неделковски- кога ни се заканува дека таа гробница ја заслужуваме, ние, критичарите на оваа власт.
Таа цртка сега е важна за оваа земја, за овој народ, порачува Груевски, со оној повик да му се испорачаат идеите од граѓаните, за да знае со што да се зафати веднаш и сега, затоа што времето истекува, нема обѕири кон никој.
И навистина, како стои Груевски со идејата за времето до избори? Тој заминува во декември, хаосот кој ќе го наследи неговата партија засега не се наѕира, сите се невидливи и молчат, јавно не го критикуваат, но во себе, е во себе ги одбројуваат деновите за пад на Груевски и се молат тресокот да биде доволно силен, за никогаш повеќе да не го почувствуваат памукот со кој им била вадена душата.
Во таа партија, ВМРО-ДПМНЕ, подземно се водат битки на неколку фронта. Информациите велат дека тајно преговараат на разни начини со опозицијата, странците, специјалната обвинителка, новинарите, па дури и со народот. Шпекулациите говорат дека се нудат за заштитени сведоци, добавуваат и криумчарат документи и ги доставуваат на разни локации, и потоа набрзина го пресоблекуваат рувото и се сликаат со Груевски, тапшајќи го по рамото дека победата на избори е сигурна работа, а народот кој досега беше третиран како животинска фарма, останува послушен и на располагање барем до бесконечност, ако не и повеќе од тоа.
И сега, какви се опциите за Груевски после неговото заминување во декември? Потписот на Муса Џафери за нов Рамковен договор и воведување на албанскиот јазик како втор официјален (зошто тука би лежела некаква опасност?), како и заплашувањето на народот дека всушност СДСМ спроведува федерализација, е потпомогнато од пропагандната машинерија буквално на сите медиуми (исклучоците од типот на Телма, Алсат и 24 сметаат дека не се опасност за нив) продолжува да го меле и пере мозокот на народот.
Оттука, сметките кои ќе ги испорача Катица Јанева, го трасираат патот на оние идеи на народот, кои сега Груевски со нетрпение ги чека. Во тие сметки не смее да биде изземена медиумската коалиција со Груевски, ниту пак судската, всушност целата онаа партиска војска, вмрежена и длабоко вкоренета во сите пори во општеството. Процесите кои би ги започнала Катица Јанева мора да одат паралелно, онака како што функционираа скоро десет години во животинската фарма која ја создаде Груевски. Идеите на народот овој пат би ги реализирала Јанева, можеби на оној начин како што Орвел одамна напиша: Ќе се сретнеме на место каде што нема темнина.