Од Блискиот Исток кон Турција, па во разулавените морски води до Грција, оттаму пеш низ Македонија, Србија, Унгарија или Хрватска, па Словенија за да се дојде до посакуваните Австрија и Германија. Овој пат е навистина тежок да се извози со автомобил а камо ли пеш, понекогаш на средина од патот и бос.
За доловување на оваа слика пред очите на јавноста, за да ги сфатат овие тешкотии и да не гледаат на бегалците како закана, јас и моите колеги сме пишувале многу пати и сме снимале многу пати.
Од канцеларијата на УНХЦР се упативме кон прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија.
Додека патувавме, претставничката на УНХЦР зборуваше за она што го гледа на терен, за подобрените услови од почетокот на оваа глобална бегалска криза која ја зафати и Македонија, а потсвесно се отвораа десетици новинарски прашања.
При пристигнувањето, околу 200 метри пред кампот сведочевме на протестот на “жолтите автомобили“ кои неколку дена протестираа за како што велат, “монополот“ кој го држел Македонски Железници и нив не им било дозволено да пренесуваат мигранти. Сметам дека нивниот протест, за дупло наплаќање за превоз е неоснован, исто како што не можам “да го сварам“ изговорот на Железници зошто картата за бегалците од Гевгелија до Табановце мора да биде поскапа.
При фотографирањето веднаш се забележува дека кампот е огромен и со помош на УНХЦР и македонскиот Црвен Крст, за среќа основните потреби за краток престој на бегалците се задоволени, пред да се качат на воз и да заминат за Табановце.
Со првата фотографија “нишанот“ ми беше упатен кон две мали дечиња, покриени од глава до пети, кои беа во прегратките на нивните родители. Веројатно и не беа свесни што им се случува и зошто не по своја вина се изложени на страдања, но можеби знаеја дека мораат да издржат.
Речиси сите бегалци пред објективот беа пријатели, гестикулирајќи дека во ред е да се прикаже нивната голгота за другите да сфатат и да им се разбуди чувство на емпатија, а не аверзија кон нив, бидејќи тероризмот не е во нивната агенда туку животот.
Сиријците, Авганистанците и Ирачаните кои знае англиски јазик тој ден не сакаа да бидат снимени, штитејќи се од мизерноста која ја чувствуваа по толку многу изодени километри.
„Германија, Германија“ беше најчестиот одговор за нивната дестинација.
Разговарав со Хусеин (Хјусаин, Хасеин). Рече дека повеќе од месец дена не знае каде е неговото семејство и дали се живи.
„Во Сирија бегаме од сите, и од режимот, и од ИСИС и од војските кои бомбардираат положби на ИСИС. Оние кои не сакаат да ги напуштат домовите бараат засолниште на кратко, повторно се враќаат дома, и кога ќе слушнат експлозии, пак бегаат. Нема живот во Сирија, јас се надевам дека ќе стигнам до Германија. Некои од моите пријатели успеваат да се слушнат со нивните преку „Вибер“ чисто да им се смири душата. Јас со моите се немам слушнато повеќе од месец“, раскажува Сириецот.
Признание за тоа како полицијата ги третира бегалците внатре во кампот, покрај Хусеин, даде и првиот човек на УНХЦР во земјава, Мохамед Ариф. Тој вели тие се задоволни што досега нема индивидуални пријави а полицијата работи добро.
– Полицијата овде завршува добра работа со тоа што ги регистрираат речиси сите и ги организираат работите, но во исто време ние цениме доколку сите права им се испочитувани. Доколку правилно бидат распоредувани, доколку се третираат без употреба на сила, а тоа го немам видено до сега, и би сакал да продолжи така, да бидат третирани достоинствено, бидејќи луѓето страдаат, тие се уморни и истоштени кога доаѓаат овде, изјави Ариф.
Пуста “јазична бариера“…понекогаш полицијата го повишува тонот, но нема сомневање дека и тие се истоштени и уморни на истиот студ да ја контролираат ситуацијата.
– Чувствувам како им е, и она што го правам морам така бидејќи не се разбираме. И нам не ни е лесно на студов. Јас можеби понекогаш викам, но не сум чепнал пендрек до сега, не сум будала за такво нешто, а плус овде има и многу деца, вели мојот соговорник – полицаец, кој остави впечаток на разумен човек кој е само уморен од секојдневниот престој во кампот.
Покрај сите други разговори и отпоздравувања што ги имав со луѓето од Сирија, Авганистан и Ирак, на крајот влегов во детското катче, каде го запознав и малиот Јусеф.
Тој само што примаше помош од претставник на Црвениот Крст, беше на ред за капа, шал и ракавички кои таму ги обезбедуваат невладините хуманитарни организации.
Јусеф не разбираше ништо од она што му го говорев, ниту неговиот татко, но речиси 5 минути колку што измислував гестикулации, за возврат добивав постојана невина насмевка.
Нему ниту студот, ниту ветрот, ниту “патувањето“ не му одзеле ништо, напротив добил елан за уште посилно да се смее.
Тоа детско катче имаше и друга своја одлика. Цртежи, кои ги изработуваат самите деца пред печката која доволно го затоплуваше шаторот (УНХЦР во моментов монтира многу поголема кабина наменета за децата).
Очигледно трагот кој децата не можат да го избришат од својата меморија е патувањето низ морските води од Турција до Грција. Покрај пораките за љубов и семејство, на цртежите се насликани и мемориите од патувањето со бродот, најмалку три такви се прикачени во катчето.
Посетата на „Винојуг“ заврши со талкање од шатор во шатор низ групите бегалци, разговор со уште неколку од нив, за нивните проблеми кои се многу опсежни за да бидат раскажани во еден текст, но научив нешто многу важно од нив – не го губи разумот, верувај и продолжи понатаму.
Можеби и се дојдени со причина, да го отворат одамна затвореното срце на хуманоста во човекот.