Претседателот Ѓорге Иванов во понеделникот упати честитка до грчкиот претседател Кaролос Папуљас по повод Националниот празник на Грција.
Во неа претседателот Иванов, во име на граѓаните на Република Македонија и во негово лично име упати срдечни честитки до Папуљас со желби за натамошен просперитет на Грција и благосостојба на грчкиот народ.
„Дозволете, во оваа убава прилика, да ја нагласам цврстата определба на Република Македонија за унапредување на добрососедските односи и соработката со Вашата земја, што е во интерес на граѓаните на нашите две земји. Сметам дека можеме да бидеме задоволни што нашите две општества и економии успешно соработуваат. Она што ние, како претседатели, и нашите влади, имаме обврска и одговорност е да ја охрабруваме и да создаваме уште поповолни услови за севкупна соработка, за што постојат одлични потенцијали. Ние сме целосно подготвени”, му пишува Иванов на Папуљас, пренесува Макфакс.
„Воедно, би сакал да го истакнам своето длабоко убедување, дека со заеднички напори ќе дадеме значаен придонес во остварувањето на заедничката визија за мир, стабилност, просперитет и благосостојба во регионот како дел од големото европско и евроатлантско семејство”, се вели во честитката на претседателот Иванов до неговиот грчки колега Папуљас.