Поради тензичната атмосфера, премиерот Груевски набрзина го напуштил Кичевo, а средбата со граѓаните во едно од кафулињата била откажана поради безбедносни причини јавува 24 вести.
Само два дена откога Фатмир Дехари стана градоначалник на Кичево, премиерот Груевски дојде во градот за да ги смири тензиите меѓу револтираните граѓани Македонци. Но, таму бил пречекан од неколку стотини граѓани кои извикувале „уааа“, го исвиркале, а дошло и дојде до туркање на присутните.
Груевски веднаш се упатил кон штабот на ВМРО-ДПМНЕ на средба со кичевските пратеници Антонио Милошевски, Илија Китановски и досегашниот градоначалник Благоја Деспотовски која траела час и половина.
Во изјава за медиумите, премиерот ветил дека Владата цврсто ќе застане зад градот и покрај предизвиците и евентуалните провокации во следниот период.
„Кичево останува македонски град, а јас, за разлика од други политичари, дојдов тука и не бегам од народот“, изјави премиерот Груевски.
Според него, теритеријалната поделба на градот во кој има 28 илјади Албанци и 16 илјади Македонци влијела на изборниот резултат.
Додека сето ова се случувало, над небото постојано летал хеликоптер. Како што пишува a1.on.mk премиерот не излегол од Комитетот се додека не биле донесени вработени од термоелектраната Осломеј кои му аплаудирале и извикувале: Никола, Никола.
Откако влегол во неговото возило, за седум- осум минути од стадионот се кренал хеликоптер.
Нема официјална потврда дали премирот заминал со хеликоптерот за Скопје, но сведоци од Кичево на социјалната мрежа Твитер го потврдуваат тоа.
За кратко време премиерот успел да стигне на седницата на Владата во Скопје.