Многу е важно изборите на 5.јуни да бидат кредибилни и фер, а тука е важна и улогата на специјалната јавна обвинителка и медиумите, апелираше денеска на форумот со граѓанското општество, Дејвид Лидингтон, министер за Европа на Велика Британија.
– Тешко е да се види кои ќе бидат можните решенија во однос на обвиненијата за изборни нерегуларности, ако притоа немаме независен обвинител кој ќе биде оставен да си ја врши својата работа, изјави Лидингтон.
Во својот краток осврт на бегалската криза и политичката ситуација во Македонија, по средбите со лидерите на четирите политички партии и со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, укажа дека изборите треба да бидат почеток за лечење на раните од кризата која ја врати Македонија назад во својот пат кон ЕУ и НАТО.
Сепак додаде дека меѓународната заедница не е таа која може да ја реши директно кризата, туку внатрешните актери во неа, а тие ќе проценат кој го опструирал напредокот.
– Само политичките лидери во Македонија и гласачите можат да го направат тоа. Ние можеме само да следиме и да дадеме проценка колку е реализиран Договорот од Пржино. Можеме да реагираме позитивно или негативно, вклучително во однос на НАТО и на ЕУ. Ние не можеме да управуваме со Македонија како еден вид меѓународен протекторат, посочи Лидингтон.
Според неговите проценки од брифинзите со политичарите во земјава, рече дека решавање на спорните прашања пред одржувањето на изборите на 5.јуни е можно, само со целосна политичка волја и одделување на интересите на партијата.
– Кредибилни избори се можни а за тоа да се случи треба сите да дадат свој придонес односно да ги стават настрана интересите на политичката партија или личните интереси и да работат во насока на промените за кои сите партии дале согласнсот, рече британскиот дипломат.
Нагласувајќи ја улогата на медиумите, додаде дека тие треба да работат во правец на нивната професија и да им дадат шанса на гласачите правилно да бидат информирани пред да ја донесат одлуката на денот на изборите.
До Државната изборна комисија апелираше да ја искористи својата моќ и со полна пареа да се посвети на прочистувањето на Избирачкиот список во кој сите ќе веруваат, а доколку наиде на опструкции или нелогичности јасно и гласно да го каже тоа за граѓаните да знаат.
Воедно, Дејвид Лидингтон предупреди дека поглавјата во кои се содржат владеењето на правото како и независноста на судството се почетен елемент за пристапните преговори за членство во ЕУ и во НАТО.