По долга пауза Државната изборна комисија синоќа одлучи да се направи увид во гласачкиот материјал за Чаир за да се утврди дали се веродостојни изборните резултати во првиот круг за кои ДПА смета дека е направен фалсификат. Токму заради тоа, ќе се прегласуваат 13 избирачки места. Пред одлуката, во ДИК беа донесени кутии и се пребројуваа гласови од 1 гласачко место.
Ако се потврдат наводите на партијата можно е и во Чаир да има втор изборен круг. Според изборните резултати во оваа скопска општина на изборите на 24 март победил кандидатот на ДУИ и досегашен градоначалник Изет Меџити.
ДИК вчера од приговорите на ДПА го прифати и тој за општина Долнени каде ќе има прегласување на едно избирачко место. Од тоа ќе зависи дали во вториот круг ќе оди кандидатот на ДУИ или на ДПА во трка со противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ.