Кога веќе можеме да прогласиме крај на овие избори, кои за некого нешто потврдија а за некој друг тие ни самите по себе не се потврдија како важна политичка алатка, можеме и мораме да се вратиме на она што единствено ни преостанува како неделливо – општеството.
Иако повеќе теоретичари, како например Мишел Фуко од кого е превземен насловот на овој текст, гледаат на антагонизмот и бинарноста како основни структурни функции во политичкото, сепак нужно е да се мисли општествената целост како основна претпоставка за возможнозт за било каква форма на антагонизам која не се претвара во барбаризам.
На самиот почеток на едно вакво превземање морам да ја нагласам анти-социолошката гледна точка за општеството, и тоа дека замислата на општеството како збир на групи на луѓе дефинирани според нивната функција во тоа општество може да служи само како таблоид за истражувања на самата социологијата. Политички, општеството би дегенерирало од форсирањето на есенцијализирачки групи во неа, тогаш се што останува е да се прифати излишноста на политиката и да се организира систем на менаџирање на функциите на кои не им е потребна политичка идеа и политичко самореализирање.
Првото ниво во кое (и) овие избори структурно го предизвикуваат општиот карактер на нашето општество е етничката есенцијализација во лингвистички и религиозни групи. На тој начин, етничкото ја превзема функцијата на политичкото, т.е да пресекува низ различни социлошко дефинирани групи и да гради нови групи преку (политички) барања. Ако политичките барањата се единствените преку кои општеството се воспоставува како такво и понатаму постојат само спротивставени групи-барања творители на општеството, кои се динамични и менливи, тогаш што се случува со нашето општество?!
Ние константно симулираме обиди за општество, кои се секогаш веќе неусшешни, бидејќи нашите формативни групи-барања се зададени етнички категории, есенцијални, нединамични и неменливи. Теорискиот конструкт за нужниот антагонизам и бинарност во политичкото кое го овозможува општеството никогаш не смее, како во случајот со Македонија, да се асимилира преку етничките групи бидејќи токму тогаш се појавуваат нови антиполитички форми на цртање на граници.
Тогаш се појавува барбаризам на етничките интереси кои ги конзервираат личните и колективни политички и социјални трагедии. Етничките коалиции во Струга и во Кичево покажуваат екстремно ниво на шизофренија во општеството. Додека на една страна се симулира политички антагонизам и демократски плурализам на друга се воспоставува етнички тоталитаризам.
Второто ниво во кое идивидуално сме повикани во општеството е да се залагаме за враќање на реалното во политичкото и за мобилизација на политиката. Високиот одзив на овие избори потврди една друга вистина, тоа дека политичкото е евакуирано од општествениот простор и дека во партиските формации не постои реален избор.
Па така, од една страна имаме зголемен ентузијазам од страна на граѓаните кој од другата страна е пресретнат со речиси абсолутна политичка празнина, во смисол на реален политички антагониозам, со што реалната поставеност на односите на моќта во крај го детерминира и финалниот резултат на овие избори. Ова е уште еден доказ дека можеме донекаде да имаме фер избори со висок одзив од граѓаните но сепак, политичкиот дефицит да опстојува и понатаму.
Тоа е така токму поради фактот што политиката не е својство на изборите туку на општеството и дека без едно такво општество кое се заснова себеси на барања на групи ние тешко дека можеме и индивидуално да се вклопиме во нешто што реално е одбивно и тврдоглаво, во нешто од кое бараме да биде општество. Сегашната деполитизација и демобилизација на општеството овозможува партиите виртуелно да го пополнат просторот кој е празен, па така, тие наместо да претставуваат групи-барања, нужно си задаваат улога да претставуваат нешто што е повеќе од оние кои ги претставуваат.
Борбата за општеството е борба за предусловот на секаков вид на политичко постоење, дури и за залагање за политички идеи исклучени од денешниот неолиберален мејнстрим, токму поради фактот што општеството овозможува тоа исклучување да остане во доменот на политиката на мнозинства и малцинства. Без општеството, исклучувањето би било реално и физичко, без општеството индивидуално ќе останеме исклучени во нашето секојдневие на секој чекор. Борабта за општеството е борба за политика, е борба за вклучување преку политика, повеќе политика.
АВТОР: Артан Садику