Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски не остварил средба со германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл, дознава НОВА од дипломатски извори.
Иако во агендата на германскиот пратеник, била предвидена средба со Груевски, сепак на состанокот на Хајндл со ВМРО-ДПМНЕ, не присуствувал Груевски, велат нашите извори.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски за време на средбата, телефонски за НОВА изјави дека не знае точно кој од партијата ќе се сретне со Хајндл. По средбата, се до објавувањето на овој текст тој не одговори на повиците и пораките на НОВА, за тоа кој го пречека германскиот пратеник и зошто Груевски не се сретнал со него.
Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ испратено до медиумите, денеска со Хајндл се сретнал со делегација на партијата, не прецизирајќи имиња кој бил на средбата.
„На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со постигнување на решенија од областите опфатени со политичкиот договорот постигнат минатата година, како и европските интеграции како дел од стратешките приоритети на државата“, се вели во соопштението.
Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов пред неколку дена објави фотографии од Груевски на аеродромот во Рим и го обвини дека бил во шопинг на скапи брендови. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на обвинувањата и соопштија дека Груевски бил кај пријател на свадба во Италија. Засега останува нејасно, дали тој се уште е надвор од земјата, и можеби затоа не присуствувал на средбата со германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл.




