Со проекција на „Суперкласико“ од Оле Кристијан Мадсен утре во Кинотеката на Македонија завршува Циклусот дански филмови.
Вечерашниот термин е резервиран за „Смешниот човек“ на Мартин Зандвлит во кој улогите ги толкуваат Николај Ли Кус, Џули Зангенберг, Ларс Ранте, Ларс Бројгмен, Малу Рејмен, Мортен Кјерсков.
Филмот е биографија за данскиот комичар Дирк Песер. Во заводлив стил на седумдесеттите, ја открива осаменоста во која Песер се наоѓа по доживаната голема и неочекувана слава. Тој се бори меѓу сопствената желба да ја добие почитта на критичарите и потребата да го задоволи вкусот на публиката. По цена на блиското пријателство со партнерот на сцена Клејд Петерсен, Дирк ќе проба нешто посериозно, да го постави „Глувци и луѓе“ на Стајнбек. Но, само што се појавува на сцена, публиката прснува во смеа.