Вработени од здравството биле изненадени кога со последната плата за јуни им биле одбиени по 250 денари за обновување на електронските здравствени картички, без да бидат известени и прашани за тоа. Парите биле одбиени со траен налог, а вработените претпоставуваат дека директорите потпишале за да може да им е скрати од плата за обновување на картичките.
„Никој не ме прашал ништо, не сум потпишала траен налог. Не знам како смеат да го направат ова“, беше реакцијата на медицинска сестра на една од скопските клиники, чие име не го објавуваме поради можност од реперкусии.
Вработени за НОВА потврдија дека покрај 250 денари за нивните електронски картички им биле одбиени и по 250 денари за членови од семејството кои се осигурани на нив.
На овој начин всушност започна замената на 46 000 електронски здравствени картички чиј рок истекува годинава. Од Фондот за здравствено осигурување објаснија дека тоа се првите картички кои ги добија вработените во здравството и институциите професионално врзани со здравството. Одбивањето на средствата се прави по автоматизам или како што ќе одлучи менаџерскиот тим.
„Тоа се првите 46 000 картички чиј рок истекува, а ги добија доктори, медицински сестри и сите кои се професионално поврзани со здравството. Парите се одбиваат од плата , групно на здравствените работници“, потврдија за НОВА во Фондот за здравство.
Со ова во здравствената каса ќе се слеат нови 220 000 евра од осигурениците. Правните експерти велат дека ваквиот начин на одбивање од плата е незаконски и вработените имаат право да ги тужат институциите бидејќи според Законот за работни односи за задршка од плата е потребна писмена согласнот од работникот. Освен, задршката ако не е по наредба на извршител. Тие велат дека граѓаните со тужби имаат право да бараат поврат на средствата кои им биле одбиени.
„ Задршката е незаконска, треба писмена согласност од работникот за да му се одбијат парите. Ова е регулирано со член 111 од Законот за работни односи“објаснува Бранко Колев адвокат.
Од Фондот посочија дека во 2018 та година ќе им бидат одбиени по 250 денари на сите вработени во јавната администрација, а дури потоа на приватните фирми кои последни ги добија картичките. И на пензионерите ќе им биде наплатено за обновување на картичките по 100 денари, како и на невработените и социјалните случаи кои се здравствено осигурани.
Во Македонија вкупно досега се издадени 1 850 000 електронски здравствени картички. Тоа се нови осум милиони евра во здравствената каса, откако со првите картички пред пет години беше инкасирана истата сума на пари. Овие средства до 2015 година се слеваа во Министерството за здравство. Од минатата година овие пари одат директно во касата на Фондот за здравствено осигурување. Картичките практично и не функционираат, односно не ја вршат функцијата за која беа наменети. Речиси во ниедна здравствена установа на пациентите не им ги бараат електронските картички, туку податоците се внесуваат со старите здравствени книшки.