Народната банка на РМ ја потврди прогнозата за раст на македонската економија за годинава на нивото од 2,2 отсто, а за идната година на нивото од 3 отсто. Гувернерот Димитар Богов денеска истакна дека овие проекции се реално остварливи.
Инаку, проекцијата од 2,2 отсто е пооптимистичка и од онаа на Владата и на ММФ, кои предвидуваат 2 отсто раст за земјава.
Минатата недела, пак, Европската комисија предвиде раст за Македонија од 1,5 отсто. Постарите проекции на Европската банка за обнова и развој од јануари, пак, предвидуваа раст од 1,8 отсто, а Светската банка, исто во јануари, искажа проекција за раст од 1 отсто.
НБРМ ја намали проекцијата за инфлацијата, при што смета дека цените на енергенсите и на храната во текот на оваа и идната година ќе се намалат и тоа од од 3,2 на 2,8 отсто. За 2014 инфлацијата се проектира на 2,3 отсто.
Растот на кредитирањето се очекува дека ќе биде умерен, а нивото на девизните резреви ќе расте и ќе остане на адекватно ниво, смета Богов. Тој очекува и умерено зголемување на дефицитот на тековната сметка во 2014 година како резултат на растот на странските директни инвестиции. Капиталните приливи годинава и во 2014 година ќе бидат доволни за покривање на дефицитот на тековната сметка и ќе овозможат дополнителна акумулација на девизни резерви.
Во однос на надворешното окружување, гувернерот Богов констатира дека за разлика од претходната проекција, има подобрување на глобалните економски изгледи и стабилизирање на состојбите на финансиските пазари.