Нарoдна банка објави тендер за печатење и набавка на 35 милиони нови банкноти, чија вкупна номинална вредност ќе изнесува 17 милијарди денари (276,4 милиони евра). Ова е огромна бројка и таа е само 17,8 отсто помала од вкупниот износ на готови пари што се вртат во земјава, кој на крајот од март годинава изнесуваше 20,68 милијарди денари.
Сепак, од Народна банка велат дека станува збор за редовна активност:
– Набавката на банкноти се реализира како резултат на тековно надополнување на залихите и нивно одржување на оптимално ниво за задоволување на потребите од книжни пари со соодветна апоенска структура. Целокупната набавена количина не се издава во оптек еднократно, туку издавањето се врши сукцесивно во зависност од потребите – вели за НОВА, Алјоша Поповски, помошник на гувернерот на НБРМ. Тој додава и дека банкнотите се пуштаат во оптек со редовна динамика што претставува вообичаен процес на движење во готовинскиот циклус.
Од вкупната бројка од 35 милиони банкноти, 20 милиони ќе бидат со деноминација од 100 денари, а 15 милиони со деноминација од 1.000 денари. Народна банка планира набавка и на банкноти во апоен од 500 денари во наредниот период.
Вредноста, пак, на вкупната зделка за набавка на банкнотите се очекува да изнесува меѓу 1 и 1,53 милиони евра без ДДВ. Ова значи дека цената на една банкнота ќе изнесува меѓу 2,9 евроценти (1,8 денари) и 4,4 евроценти (2,7 денари).
Според тендерот, испораката на банкнотите треба да биде завршена во рок до 12 месеци од склучувањето на зделката, а главен критериум за нејзино добивање е најниската цена.
Иако овие банкноти во ништо нема да се разликуваат од постоечките, на нив за првпат ќе стои потписот на актуелниот гувернер на НБРМ, Димитар Богов.