Уставниот суд на Србија формирал предмет по иницијативата на Српската радикална партија и Демократската партија на Србија за оценка на уставноста на „бриселскиот договор“, како и одлуката на Собранието и Владата на Србија за тој договор, јавува Танјуг.
Иницијативата до Уставниот суд е поднесена на 7-ми мај, а се однесува на оценка на уставноста на одлуката на Народното Собрание на Србија за прифаќање на извештајот за досегашниот процес на политичкиот и техничкиот дијалог со привремените самоуправни институции во Приштина со посредство на Европската унија, вклучително и процесот на имплементација на постигнатите договори од 26 април годинава.
Од Уставниот суд се бара преиспитување на уставноста на Одлуката на Владата на Србија за прифаќање на првата спогодба која се однесува на принципите кои го регулираат нормализирањето на односите, постигната во дијалогот со Косово и Метохија во Брисел од 22 април годинава, а која не беше објавена во службен весник.