Ватикан првпат ќе учествува на Венециското биенале, најголемата светска манифестација за современа ликовна уметност. Биеналето има традиција долга 150 години. Павилјонот на Ватикан ќе биде отворен од 1. јуни до 24. ноември, а за куратор е назначен директорот на Ватиканските музеи , Антонио Паолучу, објави Радио Ватикан, цитирајќи го челникот на Папскиот совет за култура, кардиналот Џанфранко Раваци.
Раваци вели дека поставката треба да го потсети светот „за тајната на создавањето, влегувањето на злото во историјата, надежите и плановите на луѓето”.
Изложбата ќе биде поделена на три дела посветени на создавањето, уништувањето и преобразувањето. Поставката „Создавање” ќе ја подготви креативната група Studio Azzurro од Милано, која со помош на современите технологии ќе создаде интерактивна инсталација. За „Уништувањето” ќе раскажува чешкиот фотограф Јозеф Куделка со јазикот на црно-белите фотографии, коишто ја покажуваат конфронтацијата меѓу човекот и светот. „Преобразбата” на светот ќе биде претставена, пак, преку делата на американскиот уметник Лоуренс Керол кој своите дела ги создава од веќе искористени и истрошените од луѓето материјали, потсетувајќи ги на можноста за нов живот.
Покрај Ватикан, на 55-то Венециско биенале првпат во историјата ќе се претстават и Бахамите, Брегот на слоновата коска, Бахреин, Косово, Кувајт, Молдавија, Нигерија и Парагвај.