Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска во седиштето на партијата во Тетово се сретна со амбасадорот на Холандија во Македонија, Воутер Пломп.
Ахмети и холандскиот амбасадор разменија мислења за ситуацијата создадена по изборите на 11ти декември и за иднината на земјата, се вели во соопштението на ДУИ.
Претседателот на ДУИ Ахмети истакна дека ДУИ многу внимателно ја следи состојбата и е свесна за тешките одлуки кои треба да се преземат во блиска иднина земајќи ги предвид создадените околности.
Ахмети нагласи дека јазичната еднаквост, системските реформи, економската еднаквост и интеграцијата остануваат приоритети, но и транспарентноста на судските постапки кои резултираа со дилеми во јавноста.