Лекарската комора времено му ја одзема лиценцата за работа на лекарот од Клиниката за онкологија кој вршел дополнителна дејност во приватна ординација, а немал дозвола за тоа. Комората оваа одлука ја донесе на барање на Министерството за здравство, а лиценцата за работа на лекарот му се одзема во траење од 30 дена.
Станува збор за реномиран лекар хисто-патолог, кој е единствен во својата област во државата и професор на Медицинскиот факултет. Во соопштението на Лекарската комора се вели дека во донесувањето на одлуката влијаело тоа што лекарот бил посветен на својата работа, вршејќи значаен обем од услуги во оваа област и дека дал голем придонес во работењето на здравствена установа во која е вработен.
-Комисијата ги имаше во предвид и потребите и интересите на пациентите, при определувањето на времетраењето за времено одземање на лиценцата за работа на докторот на медицина, дотолку повеќе што станува збор за дефицитарен медицински кадар во земјата се вели во соопштението на Лекарската комора на Македонија.
Инаку, овој познат лекар во декември минатата година јавно го искажа своето незадоволство од проектот „плаѓање по учинок“, како и од неправилностите во работењето на Клиниката за онкологија.
Со ова, за прват во Македонија се одзема лиценца за работа на некој лекар. Досега не се случило Министерството за здравство тоа да го побара од Лекарската комора иако имало случаи на лекарски грешки и смрт на пациенти.