СДСМ денеска објави документ кој според оваа партија докажува дека во денови на најмал доток на вода во Охридското езеро, енергетската компанија АД ЕЛЕМ произвела струја повеќе од планираното токму преку двете хидроелектрани коишто користат вода од езерото.
– Документот се однесува на декември 2016 година и од него може да се види дека хидроелектраните Глобочица и Шпилје, коишто користат вода од Охридското езеро, призвеле нaд 16 GWh пoвеќе електричнa енергијa oд тоа што било плaнирaнo.
Очигледно дека компанијата ЕЛЕМ, соочена со потребата од скап милионски увоз на струја и недостиг на други домашни енергетски капацитети, недозволиво посегнала по максимално производство на струја преку водите на Охридското Езеро, се вели во соопштението.
Од СДСМ потсетуваат дека Охридското езеро е заштитено од УНЕСКО како светско природно богатство, и предупредуваат ЕЛЕМ веднаш да престане со какви било активности што ја нарушуваат еколошката средина на Охридското Езеро, затоа што за последиците и за злоупотребите ќе има одговорност.