Осигурителната куќа „Кјуби Македонија“ извести дека планира да ја намали главнината на капиталот за 61 отсто до нивото од 14,4 милиони евра со цел да ги покрие загубите.
Со намалувањето на основната главнина ќе се израмни нејзиниот номинален износ и ќе се покрие загубата на нејзин товар. Износот добиен по намалување на основната главнина на Друштвото не смее да се исплатува на акционерите и не смее да се користи за тоа акционерите да се ослободуваат од натамошните уплати на влогот врз основа на којшто ги презеле акциите, се вели во писмото за намери на компанијата.
Со оваа одлука се врши намалување на номиналната вредност на една обична акција од друштвото од 51,13 евра на 20,084 евра, а бројот на акции останува непроменет. Со оглед на фактот што основната главнина е составена од 717.462 акции, нејзината вредност се намалува од 36,67 милиони евра на 14,41 милиони евра.
Во првиот квартал годинава нето добивката на „Кјуби Македонија“ падна на 16,5 милиони денари (267,7 илјади евра) од износот од 31 милиони денари во истиот квартал лани. Лани, пак, компанијата ја удвои загубата од неживотоното осигурување до износот од 165 милиони денари (2,6 милиони евра) од износот од 70,2 милиони денари во 2011 година. Кај животоното осигурување, пак, нето загубата се продлабочи до 72,2 милиони денари лани од 1,6 милиони денари преклани.
Во април годинава австриската „ Vienna Insurance Group (VIG)“ извести дека ја заврши акквизицијата на 92,9 отсто од „Кјуби Македонија“, која претходно беше дел од австралиската „QBE Insurance Group“.
VIG е присутен на македонскиот пазар од 2007 година преку своите компании „Винер Македонија“ и “Винер Лајф Македонија“. По преземањето на „Кјуби“, компанијата стана лидер на македонскиот осигурителен пазар со удел од над 20 отсто.