Балканските држави се меѓу најнепривлечните за странски инвестиции, се вели во анализа на IMD – International Institute for Management Development.
Според истражувањето, најлошо рангирана држава од Балканот е Хрватска која се наоѓа на 58 место на листата од 60 анализирани држави. Нема анализа за Македонија.
Од останатите држави од Балканот најдобро рангирани се Турција – на 37 место, Словенија на 52, Грција на 54 и Бугарија на 57 место на листата на IMD.
Според резултатите од наведеното истражување речиси сите држави од Балканот се рангирани меѓу 20-те најлошо рангирани држави по конкурентност.
На врвот на листата на IMD се САД, по нив следува Швајцарија, Хонг Конг, Шведска, Сингапур, Норвешка, Канада, ОАЕ, Германија и Катар.
Од најдобро рангираните 20 држави во светот, десет се европски што значи дека Европа е најконкурентен континент.
Швајцарскиот IMD зема предвид 60 типични пазарни економии, а критериумите покажуваат економски движења и финансиски прилики врз основа на економски резултати, ефикасност на јавниот сектор, ефикасност на бизнис-секторот и развој на инфраструктурата.