Собранискиот претседател Талат Џафери го осуди завчерашниот инцидент на Комисијата за европски прашања, но повика јавноста да ја погледне целата снимка, затоа што, според него, ќе се види дека неговиот колега бил испровоциран од пратениците кои го опкружиле и кои реагираа поради усвојувањето на дневниот ред.
„Јас немам надлежност да барам одговорност. Адеми ги има сите надлежности како претседател на Комисијата, обезбедувањето не може да интервенира додека не биде повикано“, одговори Џафери на прашањата на новинарите на редовниот брифинг во Собранието.
Пораката, како што рече претседателот на парламентот, е да не се случи ваков инцидент, а „тоа е можно ако секој си седи на своето место, не можам да ги врзам пратениците“, рече Џафери на брифингот.
Новинарите го потсетија и на собраниските настани од 27 април, кога тогашниот претседател Трајко Вељаноски, исто така, изјавуваше дека пратениците биле испровоциран и побараа одговори од собранискиот претседател за одговорноста што треба да се понесе за да не се повторува насилство во законодавниот дом. Џафери повтори дека Адеми бил испровоциран од другите пратеници.
С.М.