Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, побарал итна концентрација на напорите од домашните и меѓународните фактори за решавање на спорот со Грција и разговор на маса за последниот предлог на посредникот на ОН Метју Нимиц, на денешната средба со амбасадорот на ОБСЕ во Македонија Ралф Брет.
Ахмети смета дека последниот предлог на медијаторот на ОН во македонско-грчкиот спор, Метју Нимиц треба сериозно да биде разгледан, пишува партиското соопштение.
„Претседателот Ахмети ја елаборираше потребата за постигнување на компромис помеѓу Македонија и Грција за прашањето со името, како предуслов за интеграција на земјата во НАТО и започнување на преговори за членство во Европската Унија. Во овој дух, претседателот Ахмети ја подвлече итноста на концентрација на сите напори од сите домашни и меѓународни фактори кон решавање на спорот и седнување на страните на маса за да разговараат околу последниот предлог на Нимиц“, се вели во соопштението на ДУИ.
Ахмети и aмбасадорот Брет разговарале и за евро-атланските интеграции на Македонија, меѓуетничките односи, Охридскиот Договор, но и за изборите во Албанија и договорот помеѓу Косово и Србија.