Овие два документа, вакви-какви што се, не се прифатливи ниту за мене лично, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ. Му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие ова што е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барањето за предвремени парламентарни избори. И трета работа, му понудив, ако толку верува дека е обезбеден идентитет, тогаш најпрвин во делот од заклучоците од првата меѓувладина да бидат избришани членот 11 и членот 14, се трите заклучоци кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги соопшти по средбата со премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Само треба да го одбијат предлогот, да речат не. Бидејќи ова не се преговори и ова не е преговарачка рамка со која што ние обезбедуваме европска иднина. Ова е преговарачка рамка со која што или се асимилираме и бугаризираме, па така да бидеме дел од ЕУ или нема да бидеме дел од ЕУ“, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски рече дека средбата со Ковачевски повеќе била од информативен карактер на која премиерот го презентирал сето она што изминативе денови го слушаме во јавноста.
„Даде свое гледиште на документите кои треба да ја дефинираат преговарачката рамка и записникот од Меѓувладината конференција што евентуално би требала да се одржи. За сметка на тоа, јас дадов свое гледиште на текстот и врз основа на тоа би извлеков следните три заклучоци. Прво, ниту за мене лично, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ овие два документа, вакви какви што се, не се прифатливи“, рече Мицкоски.
Тој потенцира дека тоа не е одлука само на Христијан Мицкоски, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Второ, му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие доставениот предлог, а јас да се повлечам од барањето за предвремени парламентарни избори. Да ги ставам сите капацитети на ВМРО-ДПМНЕ во функција на институциите и да ѝ помогнеме на Владата во надминување на предизвиците кои нè очекуваат оваа зима. Тука, пред сè, мислам на безбедносни, енергетски, предизвици со храна, финансиски и друго. И на пролет кога сите заедно ќе ја минеме оваа, според мене, а и според многумина, можеби најтешка зима, да седнеме и да направиме реевалуација, репроценка на реалната состојба“, изјави Мицкоски.
И третата работа која Мицкоски му ја понудил на Ковачевски е во делот од заклучоците од првата меѓувладина да бидат избришани членовите 11 и 14.
„Членот 11 од записникот е член кој детерминира дека Македонија нема да отпочне преговори сè додека не го промени Уставот и нема да има преговарачка рамка, а членот 14 се повикува на протоколот кој е дел од втората Меѓувладина конференција меѓу Македонија и Бугарија. Конференција и протокол во кој се наоѓаат историските, образовните прашања, културните прашања и промена на учебниците и се она што во изминатите денови, како бугарска верзија, јавноста можеше да го види. Тоа е тој протокол, тоа е членот 14“, потенцира Мицкоски.
Тој рече доколу Брисел ги избрише тие делови, тогаш може веднаш да се седне и да се разговара.