Група од активисти кои беа дел од Шарената револуција стои потпишана зад новата иницијатива наречена „На мегдан“ и ги повикува претседателските кандидати на одговорност и транспарентност.
Платформата #НаМегдан до предизборниот молк ги повикува сите кои сметаат дека во досегашната предизборна кампања не беа одговорени суштинските прашања, да ја искористат платформата за самите да ги постават прашањата кои се од нивен интерес. Истовремено, нашата платформа неуморно ќе ги прозива кандидатите да одговорат на тие прашања, а нејзината отвореност, транспарентност и јавност ќе бидат најдобрата алатка против злоупотребата на револуцијата и нејзините принципи во предизборната кампања.
Оваа иницијатива за комуникација помеѓу граѓаните и кандидтите ќе се состои од релевантни прашања, директно поставени преку платформите Facebook и Twitter со хаштагот #НаМегдан и Facebook страната „На Мегдан“. Ние секојдневно ќе ја ажурураме листата на поставени прашања со што ќе креираме фокусиран притисок врз кандидатите директно да одговорат на секое од нив.
Оваа иницијатива е отворена и кон неа може да пристапи секој што сака, преку јавно изјаснување со хаштагот #НаМегдан или преку порака до страницата на Facebook. Ние секојдневно ќе ја ажурираме листата на поддржувачи. Но, сите имаат право да постават прашање, а не само оние кои се изјасниле како поддржувачи на иницијативата.
– На крајот, оваа иницијатива нема да даде „шарен печат“ на кој било од кандидатите и да повика на поддршка за некој поединечен кандидат, бидејќи таквото нешто е спротивно на принципите за кои се боревме. Наместо тоа, ќе понудиме приказ на тоа кој кандидат кои прашања ги одговорил или избегнал да ги одговори. Така, секој од нас ќе може да донесе одлука врз основа на сопственото убедување и врз основа на тоа што за него или неа претставуваат вредностите и принципите на Шарената Револуција – пишува во соопштението од „На мегдан“