Ирачките власти им ги одзедоа лиценците за работа на арапската медиумска мрежа „Ал Џезира“ и уште девет сателитски телевизиски канали, со образложение дека промовираат верско насилство.
Одлуката, која стапува веднаш на сила, е донесена во време кога Багдад се обидува да ги разбие немирите коишто се шират низ земјата по избувнувањето на судирите на протестите минатата недела.
Во вооружените судири со безбедносните сили и другите напади загинаа повеќе од 180 луѓе. Во текот на повеќе од четири месеци пред тоа, сунитското малцинство во Ирак организираше мирни демонстрации против владата во која доминираат шиити.
Ирачката комисија за медиуми ги обвини медиумите дека во нивното известување поттикнуваат насилство и религиозни конфликти, дека ги измамиле граѓаните како и дека повикуваат за “неред и одмазднички напади врз безбедносните сили.”
Исто така, комисијата обвини дека токму овие медиуми промовирале “забранети терористички организации кои извршиле злосторства против ирачкиот народ.”