Либанската исламистичка група „Абдула Азам“, поврзувана со Ал Каеда, презеде одговорност за двојниот бомбашки напад извршен денеска покрај амбасадата на Иран во Бејрут.
– Единицата „Хусеин бин Али“ од Бригадите „Абдула Азам“ стои зад нападот врз иранската Амбасада во Бејрут. Двајца наши херои, либански сунити, загинаа како маченици во овие напади, објави на Твитер духовниот водач на групата, шеикот Сираџедин Зурајкат.
„Абдула Азам“ се закануваат со уште напади во Либан доколку Иран не ги повлече своите сили од Сирија и ги ослободи припадниците на групата од либанските затвори.
Иран пак претходно како виновник го посочи Израел, како одговорен за крвавиот напад врз амбасадата во Бејрут, при што загина и еден дипломат.
– Овој терористички чин е нехуман и напад од омраза, извршен од ционистите и нивните платеници, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Марзие Афхам.
Најмалку 23 лица, меѓу кои и иранскиот советник за културни прашања загинаа, а околу 150 се повреднеи во двата бомбашки напади, во близина на зградата на иранската амбасада во шиитскиот кварт Бир Хасан, бастион на „Хезболах“.