Предводени од лидерот на Движењето за реформи во ДПА, Зијадин Села, стотици Албанци денеска излегоа на протест за како што скандираа, да се запре овој политички систем и монтираните судски случаи.
Антивладиниот протест на кој се скандираше против партнерот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, Али Ахмети од ДУИ, почна на улицата кај скопски Битпазар од каде демонстрантите на чело со Села паршираа кон Собранието.
*„Али предавник“ – порачаа демонстрантите од пред Собранието
Тие велат излегле на улица за да го искажат револтот предизвикан од режимот на власта и бараат запоставените права на Албанците да бидат вметнати во преговорите за излез од политичката криза.
„Али предавник“, „Кој не излегол е предавник“, „УЧК, УЧК“ постојано се скандираше на протестот кој траеше околу два часа.
„Денеска се Албанците тука за да ја вратат вистинската демократија. Албанците се 1/3 од целото население тука во државава и нема повеќе да дозволат да бидат третирани да уживаат само права кои некој друг им ги дава. Денеска е првиот чекор Албанците да постават услови за било кој што ќе има мнозинство во ова Собрание, за еднаквост, за бинационална држава помеѓу Албанците и Македонците со Македонија двојазична“, порача Села.
Тој дополни дека Албанците протестираат и за оние кои ги монтирале случаите како „Монструм“ и за оние кои не ги дале прислушуваните материјали за тој случај.
„Албанците денес тука протестираат против оваа власт. Но не само против нив туку и против државата која 25 години гази врз Албанците“, потенцираше струшкиот градоначалник.