Автори: Лоренс Марзук, Петрит Чолаку, Ерјона Руси, Бесар Ликмета, Пол Луис, БИРН Приштина, Тирана, Вашингтон
Американски амбасадор во Косово кој лобирал за изградба на 820 милиони евра вредната делница е ангажиран во американски градежен гигант на кого претходно му обезбедил профитабилен договор.
Кристофер Дел, дипломат од кариера, кого Барак Обама го назначи за претставник на САД во Приштина, е вработен од страна на корпорацијата Бехтел на која тој ѝ помогнал да го добие договорот за изградба на автопатот до соседна Албанија.
Кон крајот на минатата година, откако неколку месеци претходно ја заврши тридецениската кариера во Стејт департментот, Дел ја презеде позицијата менаџер на Бехтел за Африка.
Неговото вработување во Бехтел, најголемата американска инженерска и градежна фирма, покрена дебата околу контроверзниот Косовски проект наречен “Патриотски автопат“.
По потпишувањето на договорот, европскиот висок дипломат во Косово, Питер Фејт, го критикуваше начинот на кој американскиот амбасадор го протуркал договорот и побара истрага. Фејт го обвини Дел за криење на информации поврзани за договорот на Бехтел, како и за лобирање Косово да се согласи да го потпише, како што го нарече, неразумниот договор со американската компанија што создаде огромен притисок врз буџетот на нерзавиената земја.
Рутина е западните амбасадори да им помагаат на бизнис интересите на компаниите од државите од кои доаѓаат. Но не е вообичаено за поранешен дипломат да прифати работа во голема корпорација на која претходно ѝ обезбедил потпишување на профитабилни владини договори.
Дел беше назначен за амбасадор во 2009 година. Тој имаше големо влијание во Косово каде на САД се гледа како на супервизорска сила и каде што се глорифицира улога на оваа земја во обезбедувањето независност за малата балканска држава. Статуата на претседателот Клинтон го краси главниот град Приштина, а булеварите ги носат имињата на Џорџ Буш и на други американски официјални претставници.
Како меѓународен цивилен претставник во Косово во периодот 2008-2012 година, Фејт беше втора главна фигура во земјата, на кого му беа доверени широки овластувања од страна на САД и ЕУ, вклучувајќи ја и можноста за менување на косовските функционери од нивните позиции. Неколку години Фејт и Дел служеа заедно, рамо до рамо, како двајца највисоки странски претставници кои ја надгледуваа кампањата за признавање на Косово како независна држава, по војната во 1999 година.
Во тоа време Дел ја поттикнуваше косовската влада да го потпише договорот за автопатот. Фејт пак, изјави дека е сериозно загрижен заради доделувањето на овој голем договор на конзорциумот во чиј состав се фирмата Бехтел и нејзиниот партнер, турската фирма Енка. Фејт веруваше дека со договорот може да ѝ се нанесе финансиска штета на Приштина.
Тој вели дека со Дел се судрил околу идејата дека една сиромашната,штотуку формирана држава треба да започне ваков огромен инфраструктурен проект, нагласувајќи дека парите требало да бидат потрошени за справување со невработеноста, чија стапка на Косово изнесуваше 40%.
Тој вели дека побарал да ги види деталите од договорот, за што верува дека имал право како дел од неговиот мандат, но дека американската амбасада го одбила. „Информациите не ни беа откривани и одеднаш бевме доведени пред свршен чин кога договорот беше потпишан и беше преземена буџетската обврска“, Фејт изјави за “Гардијан“.
Договорот со Бехтел-Енка беше потпишан во април 2010 година и покрај загриженоста што ја искажале ММФ, Светската банка, ЕУ дипломатите, Фејт, како и правниот советник на косовската влада. Дел и Стејт департментот не одговорија на барањата за коментар. Бехтел го брани именувањето на поранешниот амбасадор, изјавувајќи оти тврдењата дека неговото назначување било несоодветно „не биле фер и биле навредливи“.
Андреа Капусела, кој во времето на Фејт бил на чело на економскиот оддел на Меѓународната цивилна канцеларија во Косово и бил гласен критичар на шемата за градење на патишта, вели: „Вработувањето на амбасадорот Дел во Бехтел отвара прилично сериозни прашања за целиот проект“.
„Овој договор беше ирационален и значително штетен за Косово“, вели тој, додавајќи дека „Стејт департментот ќе треба добро да го испита ова“.
Фејт одби да го коментира вработувањето на Дел во Бехтел. Сепак, тој смета дека една поширока истрага за законитоста на договорот за автопатот би била оправдана, иако не прецизира која организација би спровела таква истрага.
„Бевме вклучени во борба против корупцијата во Косово, и се она што може да помогне во разјаснување, расветлување или обезбедување транспарентност за она што се случило претходно, би било од корист за иднината на оваа млада држава“, вели тој. „Доколку постои истрага, јас го поздравувам тоа“.
Владата во Приштина тврди дека “Патриотскиот автопат“ ги поврзал северна Албанија и Косово, заменувајќи ги трошните планински патишта со автопат со четири ленти, што претставува економска инјекција за регионот. Сепак, критичарите посочуваат дека трошоците за него се зголемиле повеќе од двојно од првичната проценка.
Почетната понуда за комплетирање на делницата од автопатот што се наоѓа во Косово била 400 милиони евра (555 милиони американски долари ). Цената потоа се зголемила на 660 милиони евра (916 милиони американски долари), за изградба на 102 километри автопат. На крајот проектот чинел 820 милиони евра ( 1.13 милијарди американски долари) за само, како што на крајот излезе, 77 километри долга делница од автопатот . За споредба, вкупниот буџет на владата на Косово во 2012 година изнесувал 1,5 милијарда евра.
Проектот беше завршен минатата година, по што и од двете страни на границата се најде среде наводи за корупција. Моментално, Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС, спроведува истрага во врска со договорот за изградба на косовскиот дел од автопатот, потврдуваат извори на ЕУЛЕКС.
Минатата недела, албанската влада објави дека започнала нова истрага за корупција во финансирањето на делот од автопатот што се наоѓа на нејзина територија. Поранешниот министер за транспорт во Тирана, Љуљзим Баша, претходно беше ослободен од обвиненијата за „злоупотреба на положбата“, бидејќи Врховниот суд го отфрли неговиот случај од формално-правни причини. Тој ги негираше сите обвиненија.
Нема докази кои што посочуваат дека Бехтел или Дел се дел од истрагите за корупција, чии што детали се доверливи.
Договорот со Косово беше свечено потпишан во април 2010 година. Меѓу официјалните лица присутни на настанот беше и Дел, кој на една фотографија стои покрај контроверзниот премиер на Косово, Хашим Тачи, а зад претседателот на Бехтел, Мајк Адамс.
До Адамс седи тогашниот министер за транспорт, Фатмир Лимај, против кого во моментов се води истрага за корупција. Фејт вели дека со Дел се судрил и околу Лимај, откако против него ЕУЛЕКС покренал истрага за корупција.
Дел, кој немал голема верба во истрагата на ЕУ за Лимај, се обидел да го тргне тогашниот министер од Косово и предложил тој да биде испратен на дипломатска мисија во Њујорк или Вашингтон.
Фејт вели оти верува дека овој потег би му обезбедил ефикасен „излез од задната врата“ на наводно корумпираниот министер, со што би се блокирала истрагата за корупција. Од друга страна пак, Дел верувал дека нема доволно докази за покренување обвинение против Лимај. Тој сметал дека тивкото заминување на Лимај од Косово би било попрагматично и ефикасно решение.
„Сметав дека ова е лоша идеја и тоа му го реков“, вели Фејт. „Сметав дека со ова се зголемува впечатокот дека криминалот останува неказнет и дека не им помага на нашите напори во борбата против корупцијата“. На крајот, предлогот на Дел, Лимај да замине од Косово, не бил прифатен. Министерот за транспорт подоцна беше уапсен и се соочи со обвинувања за серија воени злосторства и за корупција.
Како дипломат со истакната кариера кој служел во бројни држави во целиот свет, меѓу кои и Авганистан, Зимбабве и Ангола, Дел во 2012 година, две години по потпишувањето на договорот со Бехтел-Енка, ја напушта позицијата шеф на мисијата во Приштина. Наскоро бил поставен на должност во Пентагон, работејќи за американската командата во Африка, позната како Африком, и бил стациониран во Германија.
Првичните контакти со Дел за негово евентуално ангажирање во компанијата, Бехтел ги остварил во 2012 година. Компанијата потврдува дека во тоа време тој сè уште бил американски амбасадор во Косово. Според Бехтел, Дел, во согласност со правилата на американската влада, „ веднаш го пријавил овој разговор “ во Стејт департментот, со што самиот се оградил од било какво прашање поврзано со компанијата.
По неговиот краток престој во Германија, Дел официјално го напушта Стејт департментот и во ноември 2013 година му се приклучува на Бехтел како негов менаџер одговорен за Мозамбик.
Нема индиции дека Дел не работел во согласност со американските прописи. Иако постојат прописи според кои поранешните амбасадори не можат, во име на приватна фирма, во период од една година да лобираат кај владата на САД, тие прописи не ги спречуваат да прифатат работа во приватната компанијата на која ѝ помогнале да добие договор.
На интернет страницата на Бехтел, не постојат референци за Дел, освен сликата на поранешниот амбасадор на САД на свеченото потпишување на договорот во Косово во 2010 година.
Портпаролката на Бехтел, Мишел Мајкл, за Дел вели: „ Неговото големо познавање и искуство во регионот (Африка) е идеално за нашата сегашна работа, како и за идните можности во него“.
„Како што веројатно знаете, една од улогите на американскиот амбасадор е да ги промовира американските бизнис интереси“, додава таа и нагласува: „Крис повеќе од 30 години работел како јавен службеник и секаква забелешка дека тој постапил несоодветно или дека на друг начин не ги исполнил своите обврски како јавен службеник, не е фер и е навредлива“.
Инаку, на почетокот на оваа година косовската влада и Бехтел потпишаа уште еден договор, во вредност од 600 милиони евра (833 милиони долари), за градење на автопат кон соседна Македонија. Компанијата соопшти дека Дел немал никаква улога во обезбедувањето на овој договор.
Овој текст е објавен од страна на Балканската истражувачка мрежа, БИРН, во партнерство со Гардијан. Текстот е дел од програмата насловена како „По трагата на документите до подобро управување“ (“A Paper Trail to Better Governance”), со средства од Австриската развојна кооперација, АРК. Содржината не ги одразува ставовите и мислењата на АРК.