На крајот од февруари 2011 година, бројот на пријавени невработени во Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) изнесуваше 323.947. Во декември лани, пак, оваа бројка падна на 243.303 лица или за 80.544 невработени помалку во период од само 22 месеци. Од декември лани, пак, до ден денешен, АВРМ нема објавено ниедна бројка за невработеноста на својот веб сајт, небаре станува збор за државна тајна. Причината за ова е промената на начинот на следење на невработените, при што тие отсега ќе се делат на лица кои работа бараат „активно“ или „пасивно“, но нема оправдување зошто шест месеци да нема ниеден објавен податок.
ВЛАСТА ИЗМИСЛУВА НОВИ НАЧИНИ ЗА БРОЕЊЕ НА НЕВРАБОТЕНИТЕ
Денеска, пак, Дневник, повикувајќи се токму на податоци добиени од АВРМ, објави дека во земјава 225.000 лица се пријавиле како невработени, а од нив само 100.000 активно барале работа. Со оглед на фактот што е невозможно за период од 22 месеци 80 илјади невработени, или речиси 25 отсто од вкупниот број пријавени, да нашле работа (податоците за вработеноста не поддржуваат таква опција и тоа ни приближно), веднаш се поставува прашањето што се случило со овие 80.544 невработени до декември или речиси 100.000 според денеска објавените податоци во Дневник.
Во февруари 2011 година се смени законската регулатива и престана да важи обврската невработено лице да биде пријавено во АВРМ за да може да добие сини картони за здравствено осигурување. Тоа сосема сигурно придонесе оние лица, кои навистина не бараат работа, да престанат да се пријавуваат редовно во АВРМ. Но, причините за намалениот број пријавени невработени не се толку едноставни. Денеска, за разлика од пред две и пол години, многу е потешко да се добие статус на пријавен невработен во земјава, но и таквиот статус да се задржи.
ПРИЈАВУВАЊЕ НА НЕВРАБОТЕНОСТ СЕКОЈ МЕСЕЦ
Најпрвин, до пред неколку години пријавувањето на невработените во просториите на Агенцијата беше еднаш во четири месеци, за потоа да се намали на еднаш во два месеци и сега да биде еднаш месечно ако активно барате работа. Ова претставува сериозен проблем за голем број невработени кои бараат работа и кои би сакале да се пријават како такви во АВРМ. Таа има само 20 до 30 филијали низ Македонија, а во земјава има 1.440 населени места. Ова значи дека ако живеете во рурална средина, вие треба упорно секој месец да одите до најблискиот град каде што Агенцијата има филијала и постојано да го препријавувате вашиот статус за да не бидете избришани од евиденцијата. Ова е многу тешко за значителен дел од невработените, а и онака невработеноста во руралните средини е многу поголема од онаа во градските. Тие секој месец треба да плаќаат автобус или други превозни средства за да можат да фигурираат како невработени.
Следен проблем е фактот што при пријавувањето повеќе не смеете да задоцните ни ден. До пред една година вработените во АВРМ на шалтерите толерираа задоцнување од неколку денови, но со компјутеризацијата на системот тоа повеќе не е можно, зашто ако задоцните само еден ден компјутерскиот систем автоматски Ве брише. Можеме само да претпоставуваме колку невработени се избришани на овој начин – зашто задоцниле без да знаат дека тоа задоцнување повеќе не се толерира. А, ако бидете избришани, потоа морате да чекате цела година за повторно да можете да се пријавите.
КАЗНА ЗА ЗАДОЦНУВАЊЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕТО КАКО ЗА КРИМИНАЛЦИ
Исто така, во однос на неможноста за пријавување како невработен има редица поспецифични случаи, кои и не се така малку. На пример, ако имате акции од приватизацијата од 90-ите години од минатиот век или од минатата деценија, без оглед на тоа што тие можеби не вредат ни 100 евра, Вие немате право да се пријавите како невработен, па дури и ако барате работа со години.
Ако, пак, Вашето име се спомнува во било кој документ што е доставен до Централниот регистер, вие повторно не можете да пријавите статус на невработен. Ова не можете да го сторите и ако сте сопственик на фирма, иако таа е во мирување. Во земјава има десетици илјади такви фирми, чии „газди“ ниту работат во својата „фантомска“ фирма, ниту во некоја друга, но заради тоа што фигурираат како сопственици немаат право да се пријават како невработени.
Како невработени не можат да се пријават ниту регистрираните земјоделци без оглед дали навистина работат како такви или не, а неможноста за пријавување како невработен се проширува и ако сте основач на невладина организација (НВО). На пример, некој пријател може да Ве повика да бидете коосновач на некое хуманитарно НВО, за да може да го задоволи условот за 5 основачи како минимум за регистрација. Откако Вашето име и презиме се појави во системот на Централниот регистер, Вие автоматски бивате избришани од евиденцијата на АВРМ, со оглед на фактот што двата системи се поврзани. АВРМ има можност повторно да ве пријави како невработен ако дадете изјава дека не остварувате приход од НВО-то кое сте го коосновале, но ќе бидете наново пријавени од датумот кога ќе ја дадете изјавата. Целиот „стаж“ што сте го имале дотогаш ќе ви биде избришан, без оглед дали сте биле пријавени една, пет или десет години и со тоа ги губите сите привилегии какви што се оние за добивање кредити или грантови за почнување на нов бизнис или пак да конкурирате за работа каде што предуслов е долгорочна невработеност.
БРОЈКИТЕ НА АВРМ И НА ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА
За да се добие пореална слика за невработеноста во земјава не е доволно да се погледнат само податоците на АВРМ. Бездруго треба да се имаат предвид и податоците и на Државниот завод за статистика.
Според нив, во Македонија има 948.125 лица кои претставуваат „активно население“ или „работна сила“ (значи лица кои или работат или бараат работа). Од нив, вработени се 657.849, а 290.276 се водат како невработени. Официјалната стапка на невработеност во земјава е 30,6 отсто.
Она што треба да се знае за овие бројки на Државниот завод за статистика е дека тие се единствени официјални. Секогаш кога мултилатералните финансиски организации како Меѓународниот монетарен фонд или Светската банка говорат за невработеноста во земјава, тие ги цитираат токму овие податоци. Исто така, овие бројки на Заводот по правило не треба да се споредуваат со оние од АВРМ зашто станува збор за податоци добиени по сосема различна методологија. Настрана фактот што кога станува збор за бројките од АВРМ, тешко дека со сигурност би можело да се дознае колку невработени бараат работа, но, или никогаш, или повеќе не се пријавени во АВРМ од редица причини. Додека АВРМ ги брои лицата што се пријавиле кај нив, Заводот до своите бројки доаѓа преку анкета на работната сила која се врши еднаш во три месеци.
И покрај тоа што ги имаме податоците и од АВРМ и од Државниот завод за статистика, проблемот со македонската невработеност е многу покомплексен од она што го покажуваат нивните основни бројки. Она што треба да се знае е и фактот што Македонија има најголема невработеност во Европа, иако овој примат наскоро ќе го преземе Косово откако меѓународните финансиски институции ќе почнат да ги следат статистиките на поранешната покраина. Како дополнителни проблеми, кога се говори за македонската невработеност, не треба да се изгубат од вид и редица други важни карактеристики. Земјава има огромен диспаритет во вработеноста на мажите и жените, а имаме и многу висок процент на долгорочно невработени, односно лица кои бараат работа над една година, пет, или повеќе години и чии шанси за наоѓање ново вработување се многу мали.
Невработеноста во руралните региони, е, исто така, огромна. Има рурални подрачја, особено во делови населени од припадници на албанската, но и од другите националности, каде што има системска невработеност од 70, па дури и 80 отсто. Исто така, имаме и висока невработеност кај младите од 15 до 24 години, која изнесува 53 отсто и и таа е засега убедливо најголема во Европа. Невработеноста кај младите е толку голема што ниедна друга земја на стариот континент не се ни приближува до македонските бројки. Најблиско ниво на невработеност кај младите до Македонија имаат Словачка и Летонија но нивоата се 33 и 32 отсто респективно, што е далеку помала стапка од Македонија.
ВРАБОТУВАЊЕТО НА ДИВО БИЛО „НЕФОРМАЛНО ВРАБОТУВАЊЕ“
На 23 февруари годинава, во просториите на Народната банка на РМ се одржа европска промоција на годишниот „Светски развоен извештај“ на Светската банка, кој годинава како главна тема го имаше создавањето на работни места.
На оваа промоција учествуваше и професорката Милица Мојсоска Блажевски, декан на Универзитетот „Американ Колеџ“, која ги истакна проблемите со кои се сретнува Македонија кога станува збор за вработувањето. Според неа, земјава се сретнува со три вида проблеми во оваа област: висока невработеност, ниска партиципација на граѓаните во работната сила и ниска стапка на вработување.
Таа наведе повеќе интересни податоци, кои ги нема во редовните статистики. Така, на пример, таа истакна дека 20 отсто од менаџерите велат оти не можат да најдат работна сила која располага со потребните вештини, дека во Македонија се создаваат само 8.000 нови работни места годишно и тоа во ситуација кога 10.000 лица дипломираат од факултетите (а, барем уште толку завршуваат средно образование и не се запишуваат на факултет, туку веднаш влегуваат на пазарот на работна сила), само 3 отсто од вработените добиваат некаква обука на работното место и, како најважно, таа ја спомна и високата стапка на „неформално вработување“ која изнесува 30 отсто.
РАБОТИ САМО 4 ДЕНА ВО МЕСЕЦОТ И ТИ СИ СТАТИСТИЧКИ ВРАБОТЕН
Ова последново е многу важно и значи дека од вкупниот број на вработени речиси една третина работат без договор за работа. Или, поконкретно кажано, иако податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во земјава има 657.849 вработени, не станува збор за вообичаеното сфаќање на зборот „вработен“. Кога ќе се каже „вработен“, најголем дел од граѓаните мислат дека тоа лице е во редовен работен однос, што значи дека фирмата каде што работи за него плаќа пензиско и здравствено осигурување. Но, оваа бројка од 657.849 „вработени“ не се однесува само на овие лица. Државниот завод за статистика, според својата методологија (која е меѓународна, изработена од Меѓународната организација на трудот – ILO-International Labor Organization) за вработени ги смета сите оние што работат барем 1 час дневно. Тоа значи дека ако минатиот месец сте биле најмен аргат само 4 работни дена (или вкупно 32 часа) и сте биле платени на рака за овој труд, вие сте статистички вработен, иако можеби останатите 26 дена во месецот сте барале работа или сте седеле дома пред телевизор. И кога професорката Мојсоска Блажевски вели дека 30 отсто од вработените се неформално вработени, тоа значи дека 30 отсто од овие 657.849 лица, покрај тоа што немаат никаков договор за работа, тие не се никаде пријавени како вработени, ниту пак за нив работодавецот плаќа придонеси за здравствено и пензиско осигурување, а можеби ниту персонален данок на доход.
Поинаку кажано, ова значи дека речиси 197 илјади лица во Македонија работат повремено, учествуваат во сивата или црната економија, но не се во редовен работен однос и немаат никаков договор со работодавецот. Или, поконкретно, ова значи дека од 657.849 вработени, само 481.077 „активни работници“, како што официјално се нарекуваат, плаќаат придонеси за здравствено осигурување, како што покажуваат податоците на Фондот за здравствено осигурување од крајот на 2012 година. Интересен е и фактот што оваа бројка дури и бележи пад од 2011 година за 1,6 отсто, што значи дека лани 7.792 лица помалку плаќале придонеси за здравство по основ на редовен работен однос.
Инаку, точно е дека оваа методологија на ILO се употребува и во другите земји од светот кога се мери невработеноста, но никаде во Европа оваа тнр. „неформална невработеност“ не е толку висока како во Македонија, односно не изнесува ни приближно околу 30 отсто.
РАБОТНИ МЕСТА НАМЕСТО МАТЕМАТИЧКИ АКРОБАТИКИ
Кога вака ќе се постават работите, тогаш се добива подлабока слика за состојбите со македонската невработеност и за тежината на проблемот со кој се сретнуваме во земјава. Имајќи го предвид сето ова, со ништо не помага прекројувањето на методологиите и законите за АВРМ да може да покаже понизок број на пријавени невработени. Настрана фактот што сѐ уште не знаеме колку од избришаните над 80.000 лица во изминатите 22 месеци ќе се вратат назад во списоците на Агенцијата откако ќе им истече „казнениот период“ од една година.
Невработеноста во Македонија не се решава со нејзиното поинакво мерење, ниту, пак, со измислување мерки или закони за да се прикажат пониски бројки, Ниту, пак, со државни и партиски вработувања во администрацијата, што претставува сосема посебна тема. А,со оглед на фактот што ни странските инвестиции не придонесуваат за нејзино позначајно намалување, имајќи предвид дека таа стои во место и покрај државните офанзиви за вработување во администрацијата, на земјава и се потребни сосема поинакви политики само за да почне да се справува со проблемот. За негово решавање, пак, засега барем, не може ни да стане збор.